„Холандија на дланка“, но и цел стар и нов свет дојде вечерва на Интернационалното карневалско дефиле во Струмица. Откако кралот објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“ почна да тече реката од карневали составена од 48 групи со над 1.000 учесници од земјава и странство кои повеќе од 3 часови дефилираа низ улиците на градот.
Карневалот традиционално го отворија струмичките мажоретки, а први настапија перкусионистите-гостите од Кукуш, Република Грција. По нив како на филмска лента се редеа маски со мотиви од цел свет, а реката од маски само на момент запираше кога групните, но и поеденичните маски, ги претставуваа своите кореографии пред жирито и бројната публика.
-Нашата маска има тема „Моќта на боговите“. Не случајно ја избравме, бидејќи решивме оваа вечер сите богови да се спојат, да ни ја вратат добрината, човечноста-карактеристики кои во последно време се помалку и помалку ги имаме, рече Благица Устапетрова од ОУ „Маршал Тито“.
На почетокот на карневалот се обрати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кому претседателот на Европската федерација на карневалските градови, Ларс Алгел, му врачи плакета и медал.
-Огромна гордост е да се биде градоначалник во моменти кога Струмичкиот карневал го слави јубилејот 30 години членство во FECC (Федерација на европските карневаслки градови). Се ндадевам дека некој друг градочалник на 60 годишнината ќе ја има честа да го добие овој медал. Особено сум горд како градоначалник што сите струмичани ги отворија портите за сите гости од земјава и странство да ја видат струмичката креативност и да ја почувствуваат струмичката карневалска магија, рече струмичкиот градоначалник кој во своето обраќање ги поздрави гостите од земјава и странство, претставници на дипломатскиот кор во државата и владини претставници.
Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а и публиката може преку онлајн гласање да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.
Фото: Фејсбук