Децата кои имаат примено три дози од вакцината ДиТеПер за голема кашлица можат да посетуваат градинка, но четвртата доза од вакцината ќе мора да ја примат најрано после шест месеци, соопшти денеска претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.
Д-р Петличковски рече дека не може да каже кога Министерството ќе достави известување до градинките, но може да се очекува тоа да биде денеска или во следните денови.
– Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза, рече д-р Петличковски.
Состојбата со голема кашлица, како што кажа, во земјата не е добра и не е стабилна и во оваа состојба сме се довеле заради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани.
– Оној податок од 50 проценти вакцинирани деца по градинките е поразителен за државата и тука мора многу да работиме, вели д-р Петличковски.
Посочи дека само во Скопје има над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 во државата со очекување дека тој број ќе расте.
– Можно е во следниве недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки се зависи од развојот на ситуацијата, рече д-р Петличковски.
Тој истакна дека не постојат некакви потврди за привремена спреченост од вакцинација, кои често родителите ги бараат.
– Постојат само потврди за трајна спреченост од вакцинација, тие се тие потврди кои се издаваат од тричлена комисија на Клиниката за детски болести, но вакви потврди за привремена спреченост не издаваат и не се валидни ниту од матичен лекар, ниту од Клиника, ниту од друга некаква комисија, подвлече д-р Петличковски.
Претседателката на Националниот комитет за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова рече дека уште во периодот на јануари, Комитетот до вакциналните тимови официјално веќе испратил препорака, секое дете кое доаѓа да ја прими според хронолошката возраст онаа ревакцината што е на 18 месеци, бидејќи МРП најрано се прима на 13 месеци, да се искористи ревакцинацијата на ДиТеПер и заедно се прими и МРП.
– Официјален допис веќе има. Во ист ден можат да се примат двете вакцини и веќе имаме пракса во вакциналните тимови. Од јануари тоа го практикуваат во соработка со родителите да им се објасни дека не постои никаков проблем да се примат и двете вакцини во истиот ден, појасни д-р Грозданова.
Според протоколот што го изработиле, како што додаде таа, редоследот на вакцината за ДиТеПер е два, четири и шест месеци, според редовниот календар.
– Во состојби кога имате прогласено епидемија од здравствен аспект, епидемиолошки имате можност за тој размак од два месеци го намалите на еден месец помеѓу дозите, што значи ќе имате 0, еден и два. Тоа значи дека циклусот за комплетната вакцинација може да се заврши во два месеци. Тоа го дозволува и самата вакцина и ние го донесовме според Протоколот издаден од Комисијата за заразни болести како препорака со цел повторно да направиме позабрзан временски период за вакцинација на децата, одговори д-р Грозданова на новинарско прашање.
Д-р Петличковски, на прашање дали од утре ќе може да се враќаат децата кои немаат примено МРП прва доза, одговори негативно.
– Оваа дискусија не се однесува на опфатот со МРП вакцината. Ова е само повик. Во развојот од епидемиолошката состојба – да, одговори д-р Петличковски.
Грозданова истакна дека не случајно е дефиниран календарот за имунизација.
– И во однос на временскиот период на хронолошката возраст на детето и во однос на динамиката на давање на вакцините, идеално треба да се вакцинира според календарот. Неслучајно е временскиот период од два, четири и шест месеци за примоимунизација. Имунитетот на новороденчето се создава во тој период. Се’ друго кое што се овозможува секако значи дека правиме некакви – и родителите треба да бидат свесни дека прават отстапки од она што значи ефикасна заштита на детето против таа болест. Не ни е целта да направиме флексибилност која што ќе не’ доведе до доведување во прашање на заштитата на детето. Се уште стоиме на тој став дека календарот е она што треба да се почитува. И ригорозните мерки би значеле враќање на тој календар – да, додаде таа.