Корупцијата е закана за два основни сегмента на државата – економијата и националната безбедност, а го нарушува и угледот на државата. Сивата економија почнува од граничната линија, во најголем дел, а според проценки на експерти во бројки таа изнесува некаде милијарда до милијарда и двесте евра, пари кои се ненаплатени во буџетот. Примената на полиграфот во потврдување на интегритет на службениците кои работат на граничните премини во принцип е прифатлива идеја и треба да придонесе за искоренување на оваа појава, за што покрај политичка волја се потребни и технички и кадровски капацитети.
Ова меѓу другото, беше истакнато на првата јавна дебата за „Утврдување на интегритет на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на ГП и граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција“ во организација на Националниот координативен центар за гранично управување на Владата.
Владимир Пивоваров национален координатор за гранично управување, истакна дека оваа иницијатива за примена на полиграфот како превентивно средство е заснована на истражувања кои се вршени од првиот ден од осамостојување на државата. Тој посочи дека Владата донесе одлука во февруари на седница за отворање на јавната дебата за оваа иницијатива.
-Ова е првата сесија на јавната дебата, следуваат уште четири сесии. Ќе разговараме и со невладиниот сектор, со оние кои се фреквенти на граница, тоа се стопанските комори, тоа се автобуските и камионските превозници и нивните здруженија, со сите парламентарни партии односно нивните претставници и на крај би разговарале и со претставниците на меѓународната заедница. Значи, тоа се тие предвидени пет етапи по кои треба да ја известиме Владата, со тоа сме задолжени, а натаму Владата ќе носи одлука како и во која форма ќе се обрати до Собранието за решавање на овој, да не кажам најтежок проблем – 33 години во оваа држава, вели Пивоваров.
Тој појаснува дека доколку го усвои Собранието, ќе следи дерогација на право во четири закони – закон за полиција, закон за царина, закон за гранична контрола, закон за храна и ветерина и на крај ќе мора да се донесе нов закон за посебна институција која ќе ја врши полиграфијата, а би била во состав на Собранието.
-Во нашите предлози стои дека тоа ќе биде еднаш годишно задолжително за секој кој работи на тоа ризично работно место. Доколку таквиот службеник не го помине полиграфот тоа се снима, значи се прават повеќе тестови од лиценцирани професионалци со најсовремени апарати за детектирање на лаги. Тие се доставуваат веднаш до обвинителот и замислата е таквите луѓе веднаш да бидат отстранети од тоа работно место затоа што велиме ако злосторникот се враќа на место на злосторството тогаш нема да има функционирање на општеството, односно тоа ќе биде сериозен проблем по опстојување на самата држава, оценува Пивоваров.
Според него, на полиграф би поминале сите оние службеници кои работат на високо ризични работни места на граничните премини и граничната линија, а тоа се инспектори и од АХВ, од Државниот инспекторат за земјоделство, Граничната полиција и царинските службеници. Доколку ова решение се усвои, согласно постојната систематизација, тоа на годишно ниво ќе значи опфат на некаде околу 1200 до 1300 лица.
Во однос на технички кадри кои се потребни за да се спроведе полиграфското истражуање, тој посочува дека според негови сознанија, во моментов во државата има само четворица лиценцирани полиграфски истражувачи. Сепак, додава, доколку државата и партиите го прифатат овој предлог ќе биде започнат процес на обуки, на ново лиценцирање и на користење најсовремени апарати, што вели, би било минимално вложување за да добиете многу во делот на економијата.
Билјана Ивановска поранешна претседателка на ДКСК смета дека корупцијатра е поттикната од политичкото влијание, недоволната транспарентност на институциите, недореченоста на легислативата, но фактор кој води пред сите е недостигот на интегритет и укажа на партиските влијанија при вработувањата на граничните премини.
-Јас силно го поддржувам овој проект оти не само што нема да предизвика трошок, туку дополнително ќе доведе до зголемување на приходите во буџетот на државата. Некои пресметки покажуваат дека доколку корупцијата се стави под контрола, односно доколку системите на внатрешна контрола во самите институции функционираат како што треба, се обезбедуваат некаде околу 10-тина проценти заштеди во државниот буџет. Ова мислам дека уште повеќе може да ги зголеми приоходите, вели Ивановска.
Сепак за дел од експертите, проблематичен е тајмингот на поднесување на оваа иницијатива и ја оценуваат како обид за политички маркетинг, а дел забележуваат и на проблемот со неиплементацијата на законите.
-Во Македонија она што е проблем е неспроведувањето на она што е донесено. Македонија има одлични стратешки документи, има одлична законска рамка меѓутоа нејзината имплементација воопшти не се спроведува. Тоа беше и со миграционата политика на времето. Ние имавме одлична стартегија за миграциона политика, кога почна Националната програма за европското АКИ, но за жал, нејзината имплементација не беше на тоа ниво, вели професорот Зоран Филиповски, кој дава поддршка на предлогот за примена на полиграфот, но не само за службениците во царината и граничната полиција, туку и и за останатите надлежни служби.
Зоран Јовановски професор на Воената академија кој беше последниот команданат од Армијата и началник задолжен за границата, кој бил вклучен во процесот на трансформиција, односно започнувањето на примената на моделот на интегрираното гранично управување, вели дека новиот концепт не заживеал целосно.
-Безбедноста почнува од границата и ние се стремевме да го докажеме тоа и имаше извонредни резултати. После трансформацијата и преземањето на граничната полиција од 2005 година, интегрираното гранично упрваување кое требаше да обезбеди подобри услови за безбедноста на самата граница, како поминува времето, веќе 20 години, мислам дека не заживеа онака како што е напишано на хартија. Имаме половични решенија и половични резултати, вели Јовановски.
Тој сепак смета дека иницијативата за примена на полиграфи ќе даде свој придонес во контролата и изборот на кадарот што треба да работи на граничното обезбедување, а предлага и редовно следење на состојбите на теренот со цел навремено решавање на проблемите.
Во однос на полиграфите, беше истакнато дека тие се применуваат не само од државни институции, туку и од криминалните структури за потврда на доверливоста, но и од приватни компании во насока на заштита на сопствениот капитал.
За полиграфските истражувачи точноста, односно веродостојноста на резултатите на полиграфот е до 97 проценти, и во последните 20 години постигнати се завидни резултати во однос на примената на научните постигнувања, во технологијата и примената на нови научно верификувани методи.
Се предвидува до средина на април да бидат завршиме сите пет дебати, по што Националниот координативен центар за гранично управување треба да го изготви предлогот и до 1 јуни да го достави извештајот до Владата. Доколку Владата го усвои и го достави до Собранието, се очекува тој да се гласа од следниот собраниски состав.