Ајдучка драма се случувала вчера попладне во Штип. Крадец влегол во стан да краде, па му се слошило и се онесвестил.
Очевидци за ММС велат дека вчера попладне се одвивала вистинска драма пред влезот на зграда на улицата „Ванчо Прке“, кога крадец влегол во стан. Крадецот го забележале соседите и веднаш повикале полиција, а кога тој се онествестил повикале и брза помош.
-Не знаеме штро украл и дали успеал да украде, бидејќи многу бргу дојде полиција, а веднаш потоа и Брза помош. Жена испаничена влезе во аптеката и побара да викнат Брза помош, бидејќи во стан влегол крадец, но му се слошило и се онесвестил. Луѓето колку и да му беа лути што влегол да краде, сепак, повикаа доктор за да му го спасат животот, не знаеја дали и од што е болен. Повикале и полиција од страв да не има оружје, бидејќи кога стасале докторите тој веќе бил во полусвесна состојба, немал сила да трча или да бега, велат очевидци за ММС и додаваат дека на крадецот најверојатно само му паднал притисокот и не сакал да оди во болница ама затоа полицијата го уапсила.
ММС се обрати и до вработените во аптеката, но тие не сакаа да зборуваат.
Кражбата за ММС ја потврдија и од СВР Штип, но не кажаа детали од случувањата,освен дека е уапсен и приведен.
-На 12.03.2024 во Штип, полициски службеници од Полициската станица Штип го лишиле од слобода М.К.(31) од Штип. Тој бил фатен при вршење на кривично дело „тешка кражба“ од стан во Штип, сопственост на Г.Т.(62) и Ф.К.(56), двете од Штип. Лицето било задржано во полициска станица, за случајот бил запознаен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во информацијата од СВР Штип.
(В.М.)