До 8 мај ќе важат веќе истечените лични документи – пасош и лична карта, одлучи Државната изборна комисија на денешната седница. Со ова беа прецизирани неодамна донесените измени на Изборниот законик, со кои на претстојните Претседателски и Парламентарни избори ќе може да се гласа и со истечени лични документи.
Членот на ДИК, Борис Кондарко, прецизираше дека на Претседателските избори ќе можат да го остварат своето гласачко право гласачите чии документи по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи во периодот меѓу 24.07.2023 до 24.04.2024 година. Додека за Парламентарни избори ќе се прифаќаат гласачи со истечени документи во периодот меѓу 08.08.2023 година и 08.05.2024 година, односно девет месеци пред изборите.
Што се однесува до младите гласачи, кои стануваат полнолетни, во Избирачкиот список се впишуваат сите кои ќе наполнат 18 години до денот на гласање врз основа на списоците што до ДИК ќе ги достави МВР.
„Согласно измените на изборниот законик, во избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите, според Актот за распишување на изборите, кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија. Овие податоци за граѓаните се доставуваат до ДИК од страна на МВР, соопшти Кондарко.
Членовите со мнозинство гласање го прифатија толкувањето од Решението на Врховниот суд за тоа кој може да гласа на изборите, кое го решава прашањето дали дијаспората може да гласа.
Врховниот суд смета дека основата на оваа одлука е Пописот од 2021 година, односно дефиницијата за целта на пописот.
„Цел на Пописот е попис на домаќинствата, становите и утврдување на бројот на населението и неговата територијалната распределба“ – е целта на Пописот, што од страна на ДИК беше протолкувано дека тие во дијаспората, т.е. нерезидентното население е територијално распределено во странство, но со адреса во општините во Македонија.
ДИК на денешната седница ги усвои и промените на Регистарот на медиуми каде ќе може да има платено политичко огласување.