Група студенти од природни и технички науки во координација со Македонското еколошко друштво во изминатата недела поставија три прототип замки за заловување рисови во Националниот парк – Маврово.
Дизајнот на замката е избран за победничко решение на Иновацискиот камп што се одржа со поддршка од УНИЦЕФ на кој студентите се посветија на изнаоѓање иновативен начин да се заловат рисовите кои се загрозен вид на раб на изумирање за понатаму да се следат, истражуваат и заштитат од истребување. Прототип замката помага безбедно да се залови рисот и да му се стави ГПС околувратник за екологистите да го проучуваат и следат нивното движење, информираат од УНИЦЕФ.
Тие појаснуваат дека целта на Иновациските кампови е младите да се поттикнат да развиваат иновативни идеи за климатска акција и заштита на околината; да се зајакне нивната соработка со приватниот сектор за да се обезбеди одржливост на иновативните идеи и да се оснажнат активно да учествуваат и самостојно да се залагаат за спроведување на своите иницијативи.
Патриција Ди Џовани претставничка на УНИЦЕФ вели дека кога младите работат на креативни и иновативни решенија поврзани со природната околина, тие градат зелени вештини и свест за поврзаноста на сите. Луѓето, животните и растенијата се дел од еко системот, а токму тој е под закана од климатските промени и од штетните активности на човекот.
-Верувам дека оваа иницијатива ќе овозможи младите да станат активни двигатели на промена што ќе внесат иновација, креативност, соработка и истражувачка дејност во својата професионална работа, потенцира Ди Џовани.