„Браната Конско е проект од национален интерес и токму затоа беше и претседателот и тројцата премиери коишто биле во овој период беа поканети и министрите и градоначалниците, и значаен за целиот регион. Ова е проект којшто е најголем во последните 20 години во делот на водостопанската инфраструктура како капитален проект, додека во тој регион е проект којшто е најголем во овие 50 години. Значаен е заради тоа што со новата акумулација на Конско се обезбедува вода за наводнување. Браната Конско официјално е завршена, станува збор за модерна брана, прва во државата со асфалтно јадро. Она што е значајно за нас е што во истиот период уште од денес започна со проектирање на системот за наводнување. Нашата цел беше да имаме компактен систем, брана којашто чини околу 44 милиони евра, систем за наводнување којшто ќе чини околу 60 милиони евра. Средствата се веќе обезбедени, браната е завршена и ќе се полни акумулацијата“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител Телевизија.
Тој додаде дека денес започнале 4 проекти за проектирање, историски најголем договор којшто е потпишан со германски конзорциум Санц Гидер каде што ќе се проектира систем за наводнување на браната Лисиче, којашто е изградена пред 15 години а нема систем за наводнување, ги опфаќа Велес и Чашка, браната Конско каде што има најголем систем за наводнување и ќе биде голем предизвик да се покријат 8 илјади хектари.
„Осум општини решаваме со системи за наводнување. Проектот ќе трае во следните 4 години каде што сите овие системи за наводнување треба да бидат веќе во функција. Инаку, договорот за проектирање и за надзор на изведбата е веќе склучен во јануари оваа година“, потенцираше Николовски.
Тој заклучи дека без наводнување нема модерно и конкурентно земјоделство и токму затоа фокусот бил да се заврши оваа брана.