По разногласието на толкувањето на писмото што до македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) стигна од Европската унија, се создаде конфузија околу тоа може или не може да се патува со документите со старото уставно име во одделни земји членки на ЕУ. Техничкиот министер Панче Тошковски писмото го чита позитивно, односно дека може, додека дополнителниот заменик министер Митко Бојмацлиев изјави дека е тоа погрешно толкување. Шефот на македонската дипломатија објасни дека само неколку земји се имаат изјаснето дека немаат проблем со старите, а важечки документи.
Канал 77 побара објаснување од прес службата на Европската комисија, од каде одговорија дека прифаќањето на старите или само новите патни документи е одлука на секоја земја членка.
-Одлуките за признавање/непризнавање на патните исправи се надлежност на земјата-членка. Земјите-членки потоа се обврзани да ја информираат Комисијата за нивната позиција. Комисијата ги објавува известувањата за признавање добиени од земјите-членки на својата веб-страница, одговорија од ЕК.
Од Унијата даваат контекст и потсетуваат на Договорот од Преспа.
-Ова е меѓународен договор меѓу Грција и Северна Македонија. Ниту ЕУ, ниту другите земји-членки на ЕУ не се страни во договорот. Сепак, потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување на меѓународните договори со добра волја, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција, како што потсети Советот на ЕУ во своите заклучоци од декември 2023 година. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација, е ставот на ЕК.
Последното е цитат од заклучоците од декември лани во делот за Македонија, каде потсетувајќи на двата потпишани меѓународни договори со Грција и Бугарија, Советот на ЕУ забележува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација.
Секако, по овој став клучно е прашањето дали македонската дипломатија можеше да вложи поголеми напори во комуникацијата со одделни земји членки на ЕУ, каде најчесто патуваат нашите граѓани, како Германија, Хрватска и други, па со добра дипломатија да им овозможи на граѓани кои се’ уште не ги смениле документите да може да патуваат.
Но, наместо тоа, видовме случај кога дипломатско претставништво на Македонија во Италија со писмо информира дека патните документи со старото уставно име не се во важност од 13 февруари.
В,К.