Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во врска со набавката на луксузниот автомобил „ауди“, соопштија од ОЈО ГОКК на денешниот брифинг со новинари.
Според обвинителката која постапува по случајот, иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција, стигнала малку подоцна, а предистражната постапка била макотрпна.
– Поднесено е обвинение против Рамиз Мерко, по иницијатива на ДКСК, која стигна малку подоцна. Предистражната постапка беше макотрпна и конечно прибравме доволно докази. Обвинението се однесува на „злоупотреба на службена положба“ по однос на аудито, член 353 став 3 во врска со став 1, рече обвинителката.
Антикорупциска во 2020 година поднесоа иницијатива за кривично гонење на Мерко за набавката на патнички возила, меѓу кои и „ауди А6“ вредно 67 илјади евра, но Обвинителството тогаш го затвори случајот во фаза на предистрага, иако и ревизорите утврдија дека тендерот е спроведен во време на финансиска нестабилност на Општина Струга.