Пет и пол години по смртта на Оливер Драгојевиќ, кој почина на 29 јули 2018 година, неговата нова, необјавена песна денеска беше премиерно емитувана на радио станиците „Браво радио“ и „Радио Далмација“ во Хрватска.
Песната „Не можам да ти кажам“ Оливер ја снимил пред неговата смрт, а наскоро ќе излезат уште 12 негови необјавени песни.
Новиот албум ќе биде достапен и на сите стриминг платформи од петок.
-Семејството беше тоа што ги избра песните, тој зад себе остави многу песни. Требаше да помине време за повторно да се слушаат во кругот на семејствата и соодветно да се проверат – изјави директорот на Аквариус рекордс, Борис Хорват, пренесува Телеграф.рс.
-Неописливо сме среќни што овој петок во 9 часот на Јутјуб ќе го споделиме со вас спотот за новата песна на Оливер Драгојевиќ! Песната можете да ја слушате ексклузивно од четврток во 11 часот на програмите Браво и Радио Далмација. „Не можам да ти кажам“ – 1.3.2024. на сите сервиси и радио станици – објавија на официјалниот Инстаграм профил на починатиот музичар.
„Плачам… Неповторливиот Оливер“, „Емоција која веќе не постои“, „Како да е тука, со нас…“, „Тој е, никогаш нема да замине“, се некои на трогателните коментари на мрежите.