Кандидат за претседател на партијата ЗНАМ е лидерот и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Оваа очекувана вест беше соопштена на партиската прес конференција, на која исто така беше најавено дека од утре ќе собираат 10.000 потписи.
Пратеничката Гордана Силјаноска – Давкова пред новинарите кажа дека се кандидирала во ВМРО ДПМНЕ за кандидат за претседател на државата. Таа е единствениот кандидат кој поднел кандидатура во опозициската партија. И покрај тоа што според законот нејзината кандидатура се прифаќа со најмалку 20 потписи на пратеници, Силјаноска – Давкова најави дека ќе собира и потписи.
Во 2019 година, кога влезе во претседателската трка, Силјаноска – Давкова исто така собираше потписи, како демонстрација на граѓанска поддршка. Потписите ги собра за неколку часа, но изборите ги загуби од Стево Пендаровски.
-Оваа моја кандидатура треба да се официјализира на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Моите колеги пратеници ме убедуваа да се кандидирам и за кусо време без да знам собрале потписи. Јас ќе собирам и 10.000 граѓански потписи“, рече Силјаноска-Давкова.
Утре почнува постапката за собирање потписи. До сега има девет познати кандидати за претседател, а три се жени. До сега се познати имињата на професорот Вело Марковски со независна кандидатура, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Стево Пендаровски од СДСМ, Арбен Таравари од албанската опозиција, Билјана Ванковска од Левица, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачкиот демократски сојуз, Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Гордана Силјаноска – Давкова.
Освен Пендаровски, сите останати најавија или се законски обврзани да собираат 10.000 потписи.