Со месечна апанажа од 2.500 евра, службено возило и шест телохранители од пред една недела е досегашниот премиер Димитар Ковачевски, кој една година и 11 дена ја вршеше функцијата претседател на Влада. Законот за влада во членот 11-а пропишува:„ Претседателот на Владата на Република Македонија на кој му престанала функцијата има право на лично обезбедување од шест лица вработени во организационата единица за обезбедување на лица и објекти во Министерството за внатрешни работи, како и право на користење на службено возило и возач“.
Понатаму законот го регулира и времетраењето на правото, односно „го остварува во период ист со периодот на времетраењето на извршувањето на функцијата претседател на Владата на Република Македонија и започнува да го остварува од денот по престанување на функцијата“.
За Ковачевски тоа значи пари од државниот буџет во период од една година, додека неговиот претходник Зоран Заев оваа функција за вршеше 4,5 години, кажа дека нема да користи апанажа, иако законски му следува. Заев, како и Ковачевски имаат право на платено обезбедување и службено возило. Заев си замина од функцијата со плата од 78.896, толку би земал и апанажа, за разлика со Ковачевски, кој со покачувањето од 78% доби апанажа од 156.482 денари.
На собраниската Комисија на прашањата за изборите и именување, прифатено е барањето за апанажа и на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој месечно се обезбедува со 153.037 денари. На седницата минатата недела, одобрена е апанажа и заменикот министер за култура Даим Лучи од партијата Алтернатива, како и неколку досегашни членови за Антикорупскиска комисија, на кои им заврши мандатот: Владимир Георгиев, Горан Трпеноски, Нури Бајрами до пензионирање и испратнина за Софка Пејовска Дојчиновска, која заминува во пензија.