Синдикатот на македонска полиција, согласно член 273 (“пријавување кривични дела”) и член 274 став. 1 (“поднесување на пријава”) од Законот за кривична постапка, до Основното јавно обвинителство за гонење на сериозен криминал и корупција поднесе кривична пријава против И.А од Куманово, помошник на министерот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР.
Од Синдикатот во писмено соопштение информираат дека станува збор за кривична пријава поради основано сомнение дека како вршител на функција помошник на министерот (Оливер Спасовски) за внатрешна контрола и професионални стандарди (Одговорно раководно лице) на организациската единица во својство на службено лице сторил кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување “ од член 353 став. 1 од Кривичниот Закон.
Соопштението од Синдикатот во продолжение го пренесуваме во интегрална верзија:
Имено во конкретниов случај се работи за искористување на службена положба и овластување со пречекорување на границите на своето службено овластување од вршење на влијание преку функцијата за спроведување на притисоци со фингирање на „неосновани” дисциплински постапки кон работници и синдикални претставници на Синдикат во Министерството при непостоење на содржани елементи на кршење на работен ред и дисциплина на работниците во МВР.
При тоа, иако знаел односно морал да знае дека вршење на дејствија од недозволено изигрување на позитивните важечки правни прописи со примена на правноневажечки и правнонеобврзувачки акт наречен “Упатство за начинот на користењето на социјалните мрежи од страна на работниците во МВР” кој не ги содржи ниту потребните правни елементи што еден акт го прават пропис, пријавениот неможел и несмеел да го супсумира како појака сила за да се одземаат, ограничат или определуваат помали права од правата утврдени со закон ниту да одобрува незаконит акт за вршење на дејствија кои се спротивни на член 12 од Законот за работни односи.
Со ваквото несовесно и непрофесионално дејствие, помошникот на министерот постапил спротивно на определени одредби од Правилникот за вршење на работите во одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на МВР и на членовите 7, 10 и 12 од Законот за внатрешни работи.
Тој ги прекршил законските начела на: – законитост, кое ги обврзува вработените во МВР да ги вршат своите работи во согласност со Уставот, закон, други прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот; – професионална етика, непристрасност и објективност, кое го обврзува при извршување на својата работа да задржи високи стандарди за личен интегритет, професионална етика и грижа за заштита на јавниот интерес и се придржуваат до актите кои ги уредуваат овие стандарди.
Со вака преземените дејствија, пријавениот, интересите на службата и нејзиното правилно исполнување ги супституирал со интересите на трети лица, нанесувајќи им нематеријална и материјална штета на работниците во Министерството за внатрешни работи.
Во врска со овој кривично правен настан ја задржуваме можноста да ја прошириме кривичната пријава и против други, актуелни,службени лица во и надвор од МВР.