Пред точно две недели, на 6 февруари 2024 година, во 06.30 часот, главната вест во медиумите беше првиот меѓународен лет во историјата на современата македонска држава со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР, со кој за медицинско лекување од Скопје до Виена, Австрија беше транспортиран пациент – младото момче Леонид Индов, пишува Мета.мк.
Овој настан одекна со голем аплауз и поздрав, со надеж дека младиот Леонид конечно ќе може да ја има потребната нега, лекување и рехабилитација, која во Австрија требаше да трае 6 месеци.
Наместо тоа, за само две недели откако Леонид е во Виена, првостепената комисија од Фондот за здравствено осигурување дала негативно мислење во однос на лекувањето на Леонид во странство, и покрај конзилијарното мислење на докторите кои го препорачале лекувањето и рехабилитацијата. За ова првично соопшти заменик народниот правобранител Јован Андоновски на својот профил на Фејсбук.
„Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето‼️ При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката“, напиша Андоновски.