Секој млад човек живее во свој свет. Секој ги доживува случувањата околу него на различен начин, реагира на различен начин на истите и ситуациите ги анализира и процесира врз база на неговите претходни сознанија и искуства. Генерациски, начинот на кој младите размислуваат и делуваат бил базиран на некои општи карактеристики на општеството во кое тие растеле и живееле. Тоа воедно и создава една релативно јасна дистинкција помеѓу различните генерации. Иако многу работи се менуваат, очигледно едно нешто кое успева да се најде како враг на секоја генерација се девијантните односи помеѓу врсниците. Без разлика дали тоа е вербално напаѓање, па дури и во некои случаи и физичко, се тоа е едно исто. Луѓето имаат многу објаснувања, па дури и во некои случаи и оправдувања за тие девијантни појави. Заблудените родители често знаат да ги обвинат хормоните на младите, нивната возраст или дури и да ги опишат тие работи како „нешто нормално за својата возраст“. Името на тие односи кои се почесто ги среќаваме во денешницата го добија името – „врсничко насилство“. Многу често го користиме тој термин, но многу помалку од колку што е потребно се обидуваме да дадеме одговор на двете главни прашања – Зашто и како да прекине?
Веројатно секој кој го чита овој текст некогаш во својот живот бил на едната или другата страна од топката кога станува збор за врсничкото насилство. Веројатно некој од нас и го предизвикале врсничкото насилство во минатото, за кое најверојатно сега се каете. Во моментот кога сте го правеле тоа на некој друг сигурно сте можеле да дадете кристално јасен одговор зашто го правите истото. Ако сега после подолг период треба да се запрашате зашто се случило тоа, како би звучело прашањето? Одговорот на тоа ви го дава и одговорот на главното прашање – „Што ми требаше тоа?!“ Се сеќавате ли на емоциите кога сте вршеле насилство? Клучното нешто кое што всушност ќе ви го даде одговорот на тоа прашање лежи во тоа како се чувствувате сега. Ретко кога некој после 10-15 или 20 години од некоја тепачка во средно или основно училиште ќе каже: „па во право бев, требаше да го направам тоа“. Постои една многу позната изрека на Менандар која се користи со векови – „Времето е исцелител на сите неопходни зла“. Времето не само што лекува рани, а всушност служи како најголем наш учител. Емоциите лесно нè преовладуваат, а свеста и зрелоста тешко делуваат кога треба да реагираме во момент на брзо дејствие. Но отпосле можеме многу да научиме. Терминот врсничко насилство се користи најчесто како опис на непријатен инцидент кој се случил помеѓу двајца или повеќе врсници кои ретко се повозрасни од 18 годишна возраст. Тоа е важно затоа што за разлика од лекциите кои нè учи времето, за да објасниме ние на сегашните млади генерации каква зрелост ним им е потреба, нам не ни се потребни децении, а неколку часа или денови. Подобро е тоа да го правиме ние, отколку тие самите да разберат на потешкиот начин.
Не постои нешто по бесцелно од насилството, особено тоа кое е помеѓу двајца млади. „Мангуп“ не е тој кој знае силно да удри, а тој кој знае силно за мисли. Одговорите на тоа како да престане не може да се дадат во една колумна, потребни се многу дејствија и од многу разни иницијатори. Но, пораката што може да се даде сега е следната. Немојте да оставате ништо на случајност кога доаѓа збор за врсничко насилство, затоа што случајноста може да носи со себе катастрофални последици. Како што нас нè учело минатото со години, сите ние да ги пренесеме искуствата на помладите од нас. Ништо добро не произлегува од насилство, само лошо. „На младите крвта им врие, затоа се такви“, тоа е една флоскула која што сте ја слушнале многу пати, но вистината ја знаат само тие што тешко ја научиле како на пример младите деца од основното училиште во Белград „Владислав Рибникар“ многу неодамна, пред неполна година. Но јас едно можам да ви кажам, за крв што врие има и лед кој брзо може да ја смрзне. Затоа, Ве молам во името на сите млади, да направиме сѐ за крвта да остане топла, а не ладна.