Двајца државјани на Северна Македонија, минатиот петок биле уапсени во северозападниот дел на Грција, а сега им е одреден привремен притвор, под сомнение дека помагале во криумчарење мигранти додека трето лице пренесувало мигранти со автомобилот, јави дописничката на МИА од Атина.
Едниот од уапсените рекол дека е командир на затворската полиција во Скопје за што и доставил соодветен документ од надлежното Министерство, меѓутоа според информациите на дописничката на МИА од Атина, не е исклучена можноста да станува збор за вработен во затворот или службеник во компанија за обезбедување.
Од грчката полиција во саботата соопштија дека во петокот напладне на локален пат во општина Еврос во близина на границата со Турција биле уапсени тројца странски државјани, вмешани во случај на транспорт на нелегални мигранти.
Поконкретно, полициските службеници ги привеле сторителите, бидејќи едниот од уапсените во автомобилот нелегално превезувал пет нелегални мигранти, додека другите двајца се превезувале со друг автомобил и дејствувале како придружба на првото возило со цел да избегнат полициски контроли на возилото со кое се превезувале илегалните мигранти.
Полицијата ги одзела и двата автомобили како и мобилните телефони на уапсените.
Според информациите на МИА од Грција, двете лица во возилото придружба се државјани на Северна Македонија, а не е исклучена можноста и третиот уапсен да е нивни сонародник.
Уапсените биле изведени пред обвинител во градот Александруполи и им била одредена мерка привремен притвор се до судењето.