Македонија на енергетски план во текот на годинава може да очекува само добри вести кои за граѓаните пред се ќе значат поевтини и подостапни горива, особено откако продуктоводот Скопје – Солун доби лиценца за работа и можност да биде употребен по повеќе од една деценија.
Tранспортот на нафта и нафтени деривати во земјава преку нафтоводот Солун – Скопје беше прекинат во 2013 година поради неисплатливост на грчката компанија. Инаку, познато е дека овој проект беше планиран исклучиво за пренос на сурова нафта, а сега, со последните измени на Законот за енергетика, преку него ќе може да се пренесува дизел гориво.
Овие оптимистични најави ги потврди неодамна и македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, но и извршниот директор на грчката компанија „Хеленик Енерџи“, Андреас Сиамисис.
Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски откако ќе профункционира продуктоводот Скопје – Солун намалувањето на цената на горивата ќе биде неминовно, а ќе има и позитивно влијание и врз животната средина.
„Трошоците во однос на транспортот кои досега ги калкулиравме во цената ќе треба да се намалат бидејќи сега ќе се користи овој продуктовод“, изјави Бислимовски неодамна.
Инаку, нафтоводот почна со работа во 2002 година, има должина од околу 213,5 километри и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно. Транспортот на суровата нафта се одвиваше од терминалот на „Хеленик Петролеум“ лоциран во индустрискиот комплекс во Солун до терминалот во „Окта“.
Според Бектеши оваа година е многу важна за Македонија зошто, од осамостојувањето на државата до денес, првпат ќе бидеме целосно независни од источниот дел во однос на снабдувањето со енергенси, посебно во делот на природен гас.
„По 1991 година до денес нашата држава била зависна од источниот дел за снабдување со енергенси. Од оваа година натаму нема да бидеме зависни од ниту една држава, сами ќе одлучиме согласно принципите на конурентност и дополнитлени можности во делот на снабдување со енергенси што ќе ја зголеми безбедноста на нашата држава и ќе ја забрза интеграцијата во ЕУ, смета Бектеши.
Тој вели дека има многу заинтересирани фирми за изградба и на интерконекторот за гас кој ќе не поврзе со Грција.
„Ова значи дека земјава нема да зависи само од рускиот гас, а моментално се бара инвеститор за две гасно водородни централи“, изјави Бектеши во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Впрочем и Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција предвидува инвестиција во инфраструктурата и поврзување со соседите, како и трансформација на домашните капацитети од конвенционално производство на „зелена енергија“.
„Во делот на фосилните горива, успеавме преку преговори со ЕУ и други засегнати страни да го преминеме рокот од 2030 до 2040 година за да ги пренасочиме нашите блокови, посебно во РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и во ТЕЦ Неготино, од производтсво на електирчна енергија со јаглен на природен гас, имајќи предвид дека после децении почнуваме со градење нов интерконетор кој ќе овозможи безбедност во снабдување со енергенси зашто до овој момент бевме целосно зависни од една влезна точка за снабдување со природен гас – со Република Бугарија, која, за жал, до 2030 година е закупена од „Газпром“, објасни Бектеши.
„Хеленик Енерџи“ во Македонија е над 20 години
Извршниот директор на грчката компанија „Хеленик Енерџи“, Андреас Сиамисис во интервју за „Катимерини“ изјави дека активирањето на нафтоводот Солун–Скопје е „важна позитивна разврска“ со оглед на тоа што е дадено решение на повеќегодишен проблем, Вложените напори, како што вели првиот човек на грчаката компанија, „конечно донесоа резултат“.
„Сепак, треба да додадеме дека останува уште работа за нафтоводот да почне со трговска дејност. Постојат значајни отворени прашања, кои верувам дека ќе се решат со добра волја од двете страни. Ќе продолжиме да работиме во оваа насока бидејќи, како што знаете, на овој пазар „Хеленик Енерџи“ е позиционирана стратешки, со долгорочен план. Да потсетам дека во Северна Македонија сме над 20 години“, изјави извршниот директор на грчката компанијa, кога од македонска страна беше издадена лиценцата за работа.
Нафтоводот, како што пренесе неодамна Македонската информативна агенција, може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).
Во однос на тоа дали по толку години неактивност, нафтоводот е подготвен да проработи, Сиамисис одговара позитивно и објаснува дека неодамна завршиле целосна контрола во која користеле најнова технологија за проверка. Тој смета дека, направиле сè што е потребно и дека нафтоводот е подготвен да се стави во функција, „штом се исполнат сите предуслови“ и посочува дека паралелно ја продолжиле функционалноста на проектот до јуни 2051 година.
Според Сиамисис повторното ставање во функција на нафтоводот ќе донесе повеќекратни придобивки за сите, кои не се само економски, а „најважна од сè е заштитата на енергетската безбедност и доволност во поширокиот балкански регион“. Секако, не треба да се запостави и фактот дека направен е и избор – нафтата да се транспортира на овој начин, наместо со возови и стотици цистерни на патиштата.
Србија планира да гради нафтовод преку Македонија до Грција
Темата нафтовод повторно беше актуелизирана пред три дена од страна на српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ која на презентација на српско-грчки бизнис форум во Белград изјави дека Србија планира изградба на гасовод и нафтовод преку Северна Македонија до Грција до почетокот на специјализираната изложба ЕХПО 2027 година.
На бизнис форумот, како што објавија српските, но и македонските медиуми, биле присутни и српскиот претседател Александар Вучиќ и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, министерката посочила и дека се планира изградба на уште два нови гасоводи со Северна Македонија и Романија, кои ќе бидат завршени пред почетокот на специјализираната изложба ЕКСПО 2027.
Фото: RINA
„Сите овие нови правци, освен што ќе придонесат за диверзификација на снабдувањето, ќе ја зајакнат позицијата на Србија како транзитна земја. Со завршувањето на Балканскиот тек станавме важна земја во снабдувањето со гас на земјите од Централна и Источна Европа, што се потврдува и по изградбата на гасната интерконекција со Бугарија, како и со идните интерконекции. Се наоѓаме на крстосница на гасните коридори во овој дел од Европа и ќе се стремиме да останеме кредибилен и доверлив партнер кој придонесува за регионалната енергетска безбедност во иднина“, изјавила српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, пренесе МИА.
На форумот било речено и дека Србија работи и на диверзификација на снабдувањето во нафтениот сектор, имајќи предвид дека снабдувањето во моментов се врши само од една насока, преку Јадранскиот гасовод.
„До почетокот на специјализираната изложба EXPO 2027, ќе изградиме нафтовод долг 128 километри со Унгарија, што дополнително ќе ја зголеми сигурноста во снабдувањето на домашната рафинерија и пазар. Разгледуваме и за поврзување со извори на нафта во Грција, преку Северна Македонија, за што подетално разговаравме денеска со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Сакаме да соработуваме со Грција и во оваа област, што дополнително би го диверзифицирало снабдувањето и би ја подобрило енергетската безбедност“, смета Ѓедовиќ.