Се’ уште не се соопштува идентитетот на двајцата починати во тешката сообраќајна несреќа што се случи на експресниот пат Штип – Кочани кај селото Жиганци. Во сообраќајката учествувале три патнички возила, односно „голф“ со кочански, „ситроен“ со винички и „сеат“ со скопски регистерски ознаки. Од Општата болница во Кочани е потврдено дека кај нив се донесени седум повредени лица.
-Нашите лекари сè уште ја утврдуваат здравствената состојба и степенот на повредените кај лицата. Дел од нив, кај кои се констатирани посериозни повреди, веќе се препратени за натамошен третман во болниците во Штип и Скопје. За останатите, кои се во стабилна состојба, потребни се дополнителни испитувања, по што ќе биде познато дали ќе останат кај нас, изјави за МИА Душанка Горгиева Трпевски, директорка на Општата болница со проширена дејност од Кочани.
Во Клиничката болница во Штип, како што веќе објавивме, се пренесени две лица, за кои лекарите одлучуваат дали ќе бидат пренесени во Скопје.
Сообраќајна несреќа во полиција е пријавена денеска во 12.40 минути и се случила на експресниот пат Штип – Кочани во делот меѓу селата Крупиште и Чешиново, потврдија од СВР Штип. Детали се најавени за подоцна.