Комисијата за заразни болести ќе се состане следната среда, на 7 февруари. На состанокот, како што изјави за МИА портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ, ќе се разгледа состојбата со сите заразни заболувања, вклучително и со грипот и големата кашлица.
Според податоците од последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), се зголемува бројот на заболени од грип, а во Ресен, Кавадарци и во Кратово има многу висока активност на вирусот на грип.
– Во текот на четвртата недела од 2024 година од 22 до 28 јануари, во Македонија се пријавени 1.834 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 9,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,1 пати.
Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип.
Станува збор за лица на возраст од 20 и 36 години од Скопје и Демир Хисар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Починатите имале коморбидитети и не биле вакцинирани. Кај нив лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09.
Проценките на надлежните се дека пикот на грипот ќе биде до крајот на месецов. Се апелира на вакцинација, особено кај ранливите категории на граѓани.
Заклучно со четвртата недела од годинава, вакцинирани се вкупно 61.543 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.