„Сѐ за рак“е името на новоформираното здружение за едукација, превенција и поддршка на пациентите во нашата држава.
– Македонија е ретка земја која изминатиот период се соочува со низа неправилности во поддршката и лекувањето на пациентите болни од рак. Со цел правилно информирање и рамноправна поддршка на сите пациенти болни од рак, во изминатиот период е започната иницијатива за формирање на здружение, чија основна задача, како и цел е да пружи точни и вистински информации за пациентите болни од рак и нивната поддршка во достапноста на терапии и третмани за лекување на ракот, се наведува во соопштението на здружението.
Иницијативата, како што се додава, резултирала со формирање на Асоцијација и платформа за едукација и превенција од рак и поддршка на пациенти болни од рак, која во текот на вчерашниот ден официјално се регистрирала и запишала во Централниот регистар во Скопје.
– Иницијативата и асоцијацијата имаат за цел да одговорат на предизвиците и потребите со кои се соочуваат пациентите со рак и да ја промовира свеста и стратегиите за едукација и превенција од рак. Асоцијацијата и платформата „Сѐ за рак“ ќе ја води Здравко Јосифовски, поранешен претседател на НУК – Независната угостителска комора, кој веќе шест месеци се бори со рак на грло, поточно рак на јазик, кој воедно сочувствува и носи лично разбирање за предизвиците со што се соочуваат сите пациенти болни од рак, појаснуваат од здружението.
Примарните цели и активности на Асоцијацијата и платформата вклучуваат промоција и едукација за нега, помош и поддршка на пациенти болни од рак, информирање и промовирање за едукација и превенција од рак, создавање единствена онлајн-платформа за објава и дистрибуција на сите информации на едно место, поврзани со едукација и превенција на рак, како и информации за терапии и поддршка на пациенти болни од рак.
– Светскиот ден за борба против ракот, организиран од UICC глобално се одбележува секој 4 февруари и оваа година ја одбележува својата трета и последна година од кампањата „Затворете го јазот на нега“. Оваа иницијатива обединува милиони луѓе годишно со цел да ја зголеми свеста и знаењето за ризиците од ракот, како и активности за подобра превенција, откривање и негово лекување.
Здружението „Сѐ за рак“ ќе се вклучи во одбележување на Светскиот ден, со цел да ја поддржи глобалната кампања предводена од Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), приклучувајќи се кон упатувањето на порака до нашата Влада и до владите ширум светот, да ги решат нееднаквостите во пристапот до квалитетни услуги на потребите на пациентите болни од рак, се додава во соопштението.