Седум јавни набавки на преговарање без објавување на оглас и без одобрение и согласност од Фондот за здравствено осигурување, скапи третмани на ден пред да починат пациентите и создавање на вишок лекови се дел од дејствијата за кои се товарат петмина осомничени во случајот со Онкологија.
Станува збор за поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и Онкологија, Нино Васев, поранешниот организациски директор, Нехат Нухи, и тројца онколози кои здружени со единствена намера да создадат вишок лекови за кои што сѐ уште не е утврдено каде завршиле, според првичната истрага, прибавиле имотна корист за друг во износ од близу 30 милиони евра.
Ова се информациите што на денешниот брифинг со новинари ги соопшти обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
– Во однос на организацискиот и медицинскиот директор, од она што досега го утврдивме е дека се набавени лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка и без одобрение, а фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите, но без согласност со Фондот за здравствено осигурување. За да сите овие набавки и склучени договори имаат правно дејство мора да имаат согласност од фондот, појасни обвинителката.
Таа дополни дека во периодот од 2018 до 2021 од ФЗОМ не биле фактурирани лековите кои се набавени од биолошката терапија и биле преземени обврски над дозволениот буџет.
– Клиниката вршела делење на набавката со еден ист лек, а она што е карактеристично за оваа постапка е недостаток на транспарентност и можност за субјективно одлучување на главните учесници во постапката. Ова предизвикува недостаток од контролни механизми и можност за појава на коруптивни практики. Договарање без објавување на оглас се смета за постапка која не треба да се користи освен кога ситуацијата не дозволува склучување на други договори, рече таа.
Спротивно на регистрационите одобренија за лековите, како што кажа, биле препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.
– Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, ова, народски кажано, значи дека е раздолжувана терапија повеќе од тоа што треба да го примат пациентите, рече таа.
Обвинителката информираше дека биле препишувани скапи лекови од новите генерации на „таргет“ и „имуно терапија“ на ден пред смрт на пациентите, кога веќе било очигледно дека нема да се развие дејствието на лекот.
– Согласно податоците кои се прибавени од клиниката, тие се препишани, дали се дадени или не, не можеме да тврдиме, рече таа.
Во предистрагата, како што информираше, биле прегледани повеќе од 500 истории физички, и повеќе од 25 000 електронски записи на пациенти, а исто така, е утврдено дека состојбата на залихи на 31.12.2021 година во сметководство не е усогласен со состојбата утврдена со попис.
– Извештајот од спроведениот попис не содржи податоци од состојбата на залихите. Во сметководствената евиденција постои разлика помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови на одделите во клиниката, на овој начин не се евидентирани лекови на залиха, рече таа.
Информираше дека клиниката нема донесено пишана процедура за процес на прием, поради што, како што дополни, клиниката нема точни слика на расположливи количини кои се наоѓаат во аптеката и по оддели, со што, како што рече, е доведена во состојба да не ги знае потребните количини кои се потребни неделно, месечно и годишно.
– Треба да имате предвид дека за секоја издадена терапија потпис и печат во историите давал медицинскиот директор, потенцираше таа.
Во однос на следните активности кои ќе бидат преземени, таа информираше дека сѐ уште се прибавува документација, а се очекува и извештај од вонреден надзор на ФЗОМ и во тек е медицинско вештачење на експерти од Словенија.
– Не е исклучено во следниот период да имаме проширување на истражната постапка, дополни таа.
Шефот на скопското Јавно Обвинителство, Гаврил Бубевски, кој беше исто така присутен на брифингот, рече дека токму новинарските истражувања за случајот со Онкологија поттикнале криминалистичко истражување.
– Се формираше предмет во полиција, оттаму одлучија дека во одреден момент треба да се влезе во Клиниката за радиотерапија и онкологија. Во оваа фаза, затоа што се работи за предмет што почнува со издавање на наредби од ОЈО Скопје, се водеше предистражна постапка во ОЈО Скопје. Дојдовме до основи на сомнение за пет лица и во таа фаза влегуваме во истражна постапка против пет лица при што е издадена наредба за спроведување истрага против пет лица, образложи Бубевски.
За поранешниот директор Васев има сомнение за сторени седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и едно кривични дело „измама во службата“, а за поранешниот организациски директор, Нухи, има сомнение за „измама во службата“. Тројцата доктори – онколози се сомничат за помагање во „измама во службата“.
Казна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според измените на Кривичниот законик е до пет години, додека за „измама во службата“ минимумот е три години, а максимумот 20.
Во однос на прашањето дали ќе се отвори истрага и за веледрогеријата од каде биле набавувани лековите, од обвинителството појаснија дека доколку се докаже незаконитоста на исплатите опфатена со актуелната истрага, народното правобранителство може да си ги побара средствата.
Од Обвинителството информираа и дека денеска до Основен кривичен суд поднесен е предлог за определување мерки на претпазливост. Мерките се однесуваат само на организацискиот и медицинскиот директор, а не се опфатени докторите онколози.
За Васев побарале забрана за напуштање живеалиште, одземање на патна исправа и оддалечување од работното место, додека, за Нухи само забрана за напуштање живеалиште и одземање на патна исправа.
По ова барање треба да одлучи Основниот кривичен суд Скопје.