Едно лице го загуби животот, а дваесеттина лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случила на регионалниот патен правец Битола-Демир Хисар.
Според првичните информации до кои дојде дописникот на МИА од Битола, станува збор за судир меѓу патничко моторно возило и автобус на компанија која превезувала работници од Битола кон населените места во Демир Хисар.
Во директниот сообраќаен судир меѓу патничкото моторно возило и автобусот на излезот од Битола, на местото на сообраќајката загинал возачот на патничкото моторно зозило, тешко е повреден совозачот, а повредени се и патниците во автобусот.
Се очекува СВР Битола да излезе со официјално соопштение за тешката сообраќајна несреќа во Битола.
На сите лица повредени во сообраќајната несреќа им е пружена итна медицинска помош, изјави за МИА, Елизабета Ивановска, директорка на ЈЗУ Клиничка болница-Битола.
Повредените лица се чувствуваат добро, а дел се пуштени на домашно лекување, потврди Ивановска.
-Веднаш интервениравме. Во одделението за ортопедија примени се 13 лица и на сите им е укажана лекарска помош и не се хоспитализирани. Во одделението за неврохирургија прегледани се 4 лица кај нив е изврешено компјутерско снимање, а по добиените резултати ќе се препорача лекарска помош. Попладнево мобилни се и лекарите во одделението за хирургија, кои прегледаа 3 лица повредени во сообраќајката и врз истите е извршено компјутерско снимање. Сите лица се надвор од животна опасност, изјави за МИА, Ивановска.