Досегашниот претседател на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по примопредавањето на претседателската функција на новоизбраниот претседател на преодната Влада, Талат Џафери, даде изјава за медиумите, заедно со премиерот Џафери.
-На г-динот Талат Џафери му посакувам успешна работа како претседател на преодната Влада, како и на сите министри и заменици министри. Верувам дека Владата ќе остане цврсто посветена на граѓанските и на државните приоритети, согласно законските надлежности. Новата Влада, во претстојните 100 дена, треба да организира двојни, претседателски и парламентарни избори. Истовремено, нашата држава, како и светот, сè уште е исправена пред многу предизвици. Треба да се удвојат напорите и согласно законите да се одговори на тековните потреби на граѓаните и на обврските што следат. Сите започнати политики, базирани на солидарноста, грижата за сите, поддршката на животниот стандард и бизнисот, мора целосно и континуирано да продолжат и да се реализираат. Очекувам посветеност во работата и концентрацијата на сите во Владата, и во оваа насока сметам дека работата ќе биде на највисоко ниво, рече Ковачевски и упати апел:
-Апелирам, до сите политички субјекти, коишто од денеска партиципираат во Владата – да го имаат предвид целиот актуелен контекст. Барам и повикувам Владата и сите во неа, без разлика на партиската припадност да работат само во интерес на граѓаните, на економијата, на безбедноста и стабилноста, на вкупниот државен и граѓански интерес. Владата успеа да воспостави систем кој функционира во време на криза и кој дава резултати. Политиките се поставени, мерките се јасни, тие се целосно во интерес на граѓаните и економијата. Очекувам сите да покажат јасна политичка волја, за да се продолжи и одржи економската и политичката стабилност и да се спроведат мирни, фер и демократски избори, како што доликува на држава членка на НАТО и држава со отпочнати преговори со Европската Унија, рече Ковачевски.
според него изминативе две години не беа воопшто лесни, односно, како што рече тој, ова беа години на исклучително голема европска па и светска економска и енергетска криза, но и покрај кризата успеавме да направиме многу. И во оваа прилика сакам да се заблагодарам на членовите на Владата во мојот мандат за успешно завршената работа и успешното справување со предизвиците.
-Во овие две години, никого не оставивме сам, се посветивме на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој, на зголемување на вработеноста. Уште во првиот месец преку отворен дијалог успеавме да направиме историски исчекор и веднаш да ја зголемиме минималната плата, но и да воспоставивме методологија за континуиран раст. Застанавме на страната на работниците и конечно системски го решивме тој проблем, еднаш засекогаш. Резултатите се видливи, додаде Ковачевски, па се осврна на платите, пензиите и невработеноста.
-Просечната плата денес е над 630 евра, и ќе расте. Многу повеќе од ветувањето за 500 евра до 2023 година. И најважно, со воведеното системско решение, платите ќе продолжат да растат. Пензиите исто системски ги решивме, а пензионерите ги заштитивме и покажавме почит кон нив, затоа што тоа и го заслужуваат. Минималната пензија е за 50% повисока од онаа во 2016, а пензионерите денес добиваат во просек по 6.000 денари повеќе. Во неизборна година ја донесовме методологијата за раст на пензиите и тој проблем е веќе решен. Дополнително, за пензионерите со пониски пензии, воведовме систем за поддршка. И ќе продолжиме со таа политика и понатаму! Невработеноста континуирано се намалува, а вработеноста расте. Само во 2023 година имавме 10.000 нови вработувања, кажа тој.
Ковачевскис е осврна и на поддршката за домашните компании, енергетската криза, важните чекори во земјоделството, антикризните мерки и евроинтеграциите.
-Го направивме и најголемиот пробив во евроинтеграциите. По 17 години чекање, ги отпочнавме преговорите со Европската Унија. И тоа го направивме со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет. Го започнавме и успешно го завршивме скринингот. Го потпишавме и договорот за ФРОНТЕКС со кој и дејуре потврдивме дека македонскиот јазик е заштитен и е официјален јазик во Унијата, и сега кога преговараме, и најважно кога ќе бидеме полноправна членка. Во овој контекст, ги зацврстивме стратешките партнерства со САД, со Велика Британија и со Европската Унија. Денес сме буквално пред вратите на ЕУ и само од нас дома, зависи реализацијата на полноправното членство во Европската Унија, во следните неколку години. По нашето убедување, со досегашната и идна работа, во 2030 година Северна Македонија треба да стане земја членка на ЕУ. Сето ова следува по остварената повеќедецениската стратешка цел, членството во НАТО со која обезбедивме мир стабилност и сигурна иднина за нашите деца. Денес сме препознаени како фактор на стабилност во регионот.Проевропската владина коалиција, на којашто се темели и новата Влада, покажа и докажа дека има и политичка волја и човечки капацитети да одговори на сите предизвици и одговорности. Воедно, покажавме политичка зрелост и докажавме коалициски капацитети, коишто се неопходни за една влада да биде стабилна и функционална. Организиравме и неколку изборни циклуси, оценети – и дома и од меѓународната заедница, како слободни, фер и демократски. И знам дека така ќе биде и на претстојните избори, рече Ковачевски и повика на обединетост.