Со првиот ден од второто полугодие, основните и средните училишта од Штип останаа покуси за присуството на 50 ученици, кои земале исписници и најавиле заминување во странство. Иако немаат задолжителна обврска да информираат каде заминуваат, родителите кажуваат дека најчесто заминуваат во Германија.
Според Снежана Санева од Општина Штип, испишани се 26 средношколци и 24 основци. Сепак, оваа бројка од 50 ученици е помала од ланската меѓу двете полугодија, кога се регистрирани дури 80 испишани деца од сите училишта. Овие податоци на испишани деца се евидентираат по завршувањето на првото полугодие.
-За 25 деца од ООУ „Гоце Делчев“ немаме податок каде се, туку само дека не се на училиште. Се работи за деца од ромски семејства, изјави Санева.
Второто полугодие училиштата во Штип го почнуваат со недостаток и на наставници. Најдефицитарни се професорите по физичко образование, пред се поради тандем наставата во одделенската настава, каде се зголеми часовите по физичко. Во моментов недостасуваат 2-3 наставници, што се надоместува со ангажирање на одделенски наставници.
Општината Штип нотира и недостаток на наставници по физика и математика, а и по хемија.
В.К.