„Мизерни 10 евра за квадрат“ – ваков е ставот на жителите на Долна Бањица, кои изутрината го блокираа регионалниот пат кој минува низ нивните села. Со тоа ги спречија вработените во компанијата „Бехтел и Енка“ да работат на трасата на Коридорот 8. Жителите се револтирани од начинот на кој се спроведува експропријацијата. За своите имоти, сопствениците добиваат по 10 евра за квадратен метар.
Насобраните се пожалија на игнорантскиот однос на државата откако ги доставиле нивните барања.
Абдулаќим Хасипи, кој зборуваше во име на насобраните жители на блокадата, рече дека не ниту добиле одговор на барањата што ги испратиле до надлежните, ниту се повикани на разговор. Хасипи кажа дека земјиштето што до сега им е земено, не се откупува за да се гради автопатот, туку таму е планирано да се градат кампови за вработените, кои државата подоцна ќе ги продаде за изградба на бензински пумпи и други стопански објекти.
Жителите на Бањица апелираа до надлежните институции што поскоро да седнат на маса и да најдат заедничко решение.