Научниците потврдија дека минатата година била најтопла досега, но судејќи според релевантните податоци, оваа година ќе биде уште потопла.
Глобалното затоплување ќе стане уште поинтензивно, што ќе биде предизвикано пред сѐ, од согорувањето на фосилните горива во светот, но и од природниот феномен Ел Нињо, кој се јавува во интервали од четири до пет години.
Затоплувањето годинава најверојатно ќе се зголеми за 1,54 степени Целзиусови, а овој тренд би можел да продолжи во текот на следната деценија.
Истражувачот Роберто Билбао нагласува дека оваа стапка на пораст на температурите не значи со сигурност дека климатскиот договор постигнат во Париз во 2015 кој зборува за забавување на затоплувањето под 1,5 Целзиусови степени, ќе биде прекршен, бидејќи овој договор се однесува на период од 20 години, но сè укажува на тоа дека светот опасно се приближува до посочената критична граница.
Доколку сепак дојде до глобално затоплување кое ја надминува договорената стратегија во Париз, научниците предвидуваат дека ширум целата планета ќе дојде до уништување на екосистемите, ќе пораснат нивоата на морињата и океаните, но ќе се случат и сериозни последици и во областа на земјоделието во некои делови од светот.
Сето ова може да донесе до низа реакции на биолошки и климатски промени на планетата, кои ќе бидат од неповратен карактер.