По издадени судски наредби полицијата заедно со специјалната антитерористичка единица Тигар вчера извршила претреси на пет локации во Пробиштип и на една локација во Штип. Притоа од слобода е лишен Љ.Н. (43) од Пробиштип.
Како што информира денеска МВР, Љ.Н. на 21 декември 2023 околу 13 часот со секира влегол во училишниот двор на средното општинско училиште „Наум Наумовски – Борче“ во Пробиштип и им се заканувал на вработените.
Тој со спреј пишувал пораки со заканувачка содржина по надворешните ѕидови од училиштето. Уништувал предмети и инсталации во ходниците на училиштето и се обидел да ја скрши вратата од канцеларијата на директорката на училиштето.
Потоа Љ.Н. влегол во зградата на Центарот за социјални работи во Пробиштип каде упатувал закани по животот на вработените.
– Против Љ.Н. е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство, а се преземаат и дополнителни мерки во врска со овој случај, се наведува во соопштението од МВР.