Мерките кои Владата ги креираше и спроведуваше како одговор на високата стапка на инфлација предизвикана од економската и енергетската криза, дадоа мерливи резултати. Животниот стандард на граѓаните е заштитен, напиша на својот Фејсбук профил, заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во декември 2023 година стапката на инфлација изнесува 3,6%, што е за околу пет пати пониска од измерената во декември 2022 година, кога изнесуваше високи 18,7%, пишува Битиќи на Фејсбук.
- Успеавме да постигнеме ниска и стабилна инфлација, цените на потрошувачките услуги и добра да растат на умерен и предвидлив начин, со што се создаваат услови и за постепен раст на реалниот доход на сите наши сограѓани, а тоа носи и сигурност на пазарот. Намалувањето на инфлацијата значи и стабилно бизнис опкружување со што се поттикнуваат нови инвестиции и отворање на нови работни места, со достојни плати за граѓаните, истакнува Битиќи во објавата на својот Фејсбук профил.
Тој нагласува дека економските политики на Владата освен што доведоа до намалување на инфлацијата, поттикнаа и се поголем и поголем раст на платите. Според последните податоци на ДЗС во однос на просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во октомври 2023 година, таа изнесуваше рекордни 38,843 денари, односно истата во однос на октомври 2022 година се има зголемено за 17,3% или за 5,739 денари за една година, потенцира Битиќи во својата Фејсбук објава.
Вицепремиерот за економски прашања посочува и дека трендот на зголемена куповна моќ на граѓаните веќе е поставен на цврсти системски основи со носењето на законски утврдени методологии за раст на минималната плата и пензиите, што според зборовите на Битиќи ќе продолжи и во 2024 година.
Со Законот за нефер трговски практики, ќе се стави дополнителна бариера за заштита на животниот стандард на граѓаните од ценовни шокови предизвикани од нефер трговски практики. Со регулирање на 26 трговски практики нема да се дозволи да се користи моќта на одредени компании преку уредување на условите и начинот на кој се врши трговијата со земјоделски и прехрамбени производи, објаснува во својата Фејсбук објава вицепремиерот Битиќи.