„ЕксМакедонија/Нордонистан: Сцената кога партиски насилници на ДУИ нападнаа контролор на летање во кулата за контрола на летање, додека партијата се обидува да ја преземе институцијата/вработените со оружје. При нападот имало 40 авиони кои слетувале/полетувале и над скопскиот аеродром“. Вака на Х, корисник на мрежата, инаку новинар, ја објаснува фотографијата што ја споделува, на која се гледа како двајца напаѓаат човек кој седи на биро во канцеларија. Истата фотографија се споделува од повеќе различни корисници, а еден од нив ја споделува со текст:
„Никој не се јавил да го објасни Терористичкиот чин во М-НАВ со нешто Руско ? Или лажни вести на ВМРО ДПМНЕ ??? Време е !“ (Х)
Всушност, фотографијата, која експресно се прошири по мрежите, е земена од британскиот весник Дејли мејл, кој објавува текст за грабеж во кој му е одземен вреден часовник Ролекс на сопственикот од неговата канцеларија. Грабежот се случил во Лондон, Велика Британија. Текстот е објавен на 19 февруари, 2016 година.
„Rolex Yachtmaster на Рој Џејмс, за кој вели дека вреди 15.000 фунти, бил изваден од неговиот зглоб додека разбојниците го задавувале додека тој не паднал во несвест во неговата канцеларија во Гринич, јужен Лондон“, пишува во текстот на Дејли мејл.
Фотографијата е од надзорната камера и точно пишува дека е од 2016 година, среда 13 часот. Минутите не се гледаат. Оваа фотографија успешно дезинформира поради тоа што е уреден и е скратен делот каде се гледа дека е од 2016 година. Нападот во Контролата за летање се случил, вчера 04 јануари 2024 година по 15 часот.
Нападот во Контролата на летање е потврден од МВР. Докази има, а клучни ќе бидат тие од надзорните камери, чии снимки уште веднаш се обезбедени, како што потврди и претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски.
Засега вистинските снимки од упадот и физичкиот напад на контролор на летање во М-НАВ не се објавени во јавноста. Но, ќе бидат клучни при истрагата за овој настан што веќе два дена е во македонските медиуми.
Што се однесува до споделувањето на лажната фотографија, е типичен начин на дезинформирање, кога со манипулација се постигнува целта.