Директорот на Македонска навигација М-НАВ, Фахрудин Хамиди по вчерашниот упад и физички напад врз контролорите на летање вели е подготвен да даде оставка, но дека не го сторил тоа бидејќи смета дека има направено позитивни работи за М-НАВ.
Според него безбедноста никогаш ниту била ниту ќе бида загрозена во М-НАВ.
„Не сакам да дадам оставка денеска поради тоа што владата веќе најави дека ќе не разреши. За жал, цело време бевме атакувани од страна на синдикалецот Тасевски. Не сакавме да излеземе пред медиумите и можеби тука згрешивме. Тој перманентно не повредува сите нас и не не остава да работиме поради негови лични интереси.Репутацијата е доведена во прашање поради клевети дека ништо не чинело. Безбедноста не е нарушена, ниту ќе биде нарушена. За жал, колегите излегоа зад него, иако добро ги разбирам, бидејќи на крајот ќе застанат зад него иако се замаени во случајов. Јас не ги оставам на цедило моите контролори. Тасевски кажува за непотизам, за други работи. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, истовремено беше вработен тој, а и брат му е вработен како контролор“, рече Хамиди и обвини дека постојат 5-6 кланови.
„Во оваа држава, според Устав, сите имаат право да бидат вработени, без разлика на етничка и верска припадност, додаде Хамиди.
Македонска навигација М – НАВ како давател на услуги во воздухопловството гарантира дека безбедноста ниту била, ниту ќе биде загрозена, рече Хамиди.
Прес-конференцијата се одржува по вчерашниот инцидент во Македонска навигација (М-НАВ), каде што неколку лица упаднаа во институцијата и нападнаа вработен и откако Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека во знак на поддршка на нивните синдикални активности, 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници ќе се повлечат од раководните позиции во М-НАВ и работните проекти.
Хамиди рече дека претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски постапува од негови лични мотиви и интереси и како што рече, „не не остава да си ја вршиме работата и оти репутацијата на компанијата е доведена во прашање поради лажни клевети“.
– За жал, имаме лукративни и лични интереси и нека му е на чест. Тој кажува за непотизам и за партиски вработувања само заради дефокусирање на јавноста. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, тогаш беше примен и тој, истовремено и брат му работи како контролор, рече Хамиди.
Тие што ги исполниле условите на конкурсот за кој реагираше Синдикатот, според Хамиди, се примени, а некои заради неуреден стаус не се. Отворени се, како што рече, за сите можни постапки од институциите, Антикоруциската, Финансиската полиција.
По вчерашниот инцидент во М-НАВ, Владата најави разрешување на раководството и ревизија во оваа институцијата, а Струковиот синдикат на контролори на летање генерален штрајк доколку директорите не поднесат оставки или не бидат разрешени.