Првото бебе во Кочани оваа година се роди во Скопје во приватна клиника на први јануари. Но, на првото бебе оваа година родено во Општата болница во Кочани се чекаше три дена. Синоќа во кочанската болница дојде на свет девојче, трета рожба во семејството Постолови од с. Градец, Виница по двете момчиња.
Посетата на првото родено бебе е повод за изнесување на неславни бројки. Лани во оваа болница, во која работи еден гинеколог, се родиле само 35 бебиња.
Доктор Илчо Атанасовски оцени дека оваа бројка се должи на намалениот наталитет секаде, но и тенденцијата на породување по приватните клиники.
-Не е проблемот каде ќе се роди бебето, но поради миграцијата секаде е намалено раѓањето. Пациентите сега имаат приватно здравствено осигурување, многу компании имаат приватно осигурување и повеќето одат во приватните болници, изјави д-р Атанасовски од болницата во Кочани.
Единствениот гинеколог во кочанската болница работи со осум акушерки, но оваа година, според најавите, се очекува да се засили тимот со уште три докторки, кои ќе ја завршат специјализацијата.