Граѓаните ги препознаваат Германија и Европската Унија како најголеми инвеститори во земјава, покажа последната анкета на Преспа Институтот.
Дури 26,1 отсто од граѓаните сметаат дека Германија е државата со најмногу дирекни странски инвестиции во Северна Македонија, пред ЕУ за која сметаат 18,4 отсто од граѓаните. Потоа следува Србија со 10,1 отсто, САД со 8,9 и Турција со 7,8 отсто.
На истата анкета во 2022 година, дури 44,8 отсто од испитаниците одговориле дека Германија е најголемиот инвеститор, пред САД и Турција.
Последната анкета исто така покажува покажува дека граѓаните сметаат дека Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Србија и Германија се партнерите кои најмногу придонеле за развојот на Северна Македонија.
Над 20 отсто до граѓаните сметаат дека ЕУ е сојузот кој најмногу придонел, по што следува Србија со 18,1 отсто, САД со 12,7 отсто и Германија 6,8 отсто
Резултатите по ова прашање драстично се менуваат изминатите неколку години. За споредба, минатата 2022 година, дури 28 отсто од граѓаните одговориле дека најмногу придонеле САД, а 22,1 отсто сметале дека тоа е ЕУ. Во пандемиската 2020 година, пак, процентот за САД бил 12 отсто, додека за ЕУ 31,9 отсто. 17,4 отсто од граѓаните сметале дека Германија најмногу придонесува за демократскиот развој на земјава, 11,3 отсто во 2022 и 6,8 отсто денес.
Во секој случај, граѓаните се на став дека нашите западни партнери се тие што најмногу придонесуваат за демократскиот развој на земјава, во споредба со Русија, за која во 2020 одговориле само 3,5 отсто до граѓаниве, додека оваа година тој процент е околу 1,4.