Во пресрет на новогодишните празници, ОКТА ја продолжи традицијата на донирање пакетчиња за децата од основните училишта кои се наоѓаат во близина на седиштето на компанијата во општина Илинден.
Со цел унапредување на образовниот процес и поефикасно следење на наставните содржини, покрај новогодишните пакетчиња, оваа година компанијата донираше и телевизори наменети за централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци, како и во двете подрачни училишта лоцирани во селата Мршевци и Текија во општина Илинден.
„Во текот на оваа јубилејна година за ОКТА реализиравме неколку значајни општествено одговорни проекти во образовниот систем на земјата, а ја завршуваме годината со донација која треба да овозможи подобро изведување на наставата и поголема интерактивност со учениците. Во рамки на оваа донација ги вклучивме и најмалите ученици од нашето соседство, кои ги изненадивме со новогодишни пакетчиња со цел да придонесеме кон повесела празничната атмосфера. Оваа донација е уште еден доказ за нашето долгорочно партнерство со жителите од локалната заедница во која што делуваме како компанија“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации на ОКТА.
Новогодишните пакетчиња ќе бидат доделени на дечињата од прво до трето одделение во споменатите локални основни училишта.
„Како вистински партнер, ОКТА секогаш е подготвена да одговори на нашите барања и потреби. Така беше и во овој случај, со донацијата на телевизорите кои ќе бидат особено корисни во наставата, придонесувајќи за подобра визуелизација на наставните содржини што им се предаваат на учениците. Дополнително и оваа година нашите најмлади ученици добиваат и новогодишни пакетчиња, на кои особено им се радуваат“, истакна директорот на централното основно училиште „Браќа Миладиновци“, Дарко Петковски, заблагодарувајќи му се на тимот на ОКТА за најновите донации.
Образованието и младите се едни од главните области во чии развој ОКТА континуирано низ годините ги насочува своите општествено одговорни проекти и вложувања, а таквиот вид поддршка ќе продолжи и во иднина.