Награда за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот Dances with films, доби македонскиот филм “M” на Вардан Тозија.
Тоа што филмот не е клише и е ретко виден за публиката во Њујорк пресуди за оваа награда, смета режисерот Тозија. Тој во утринската програма на „Слободен печат“вели дека публиката во неговото „дело“ препознала жанровски филм виден низ источната оптика.
Според зборовите на Тозија, станува збор за фестивал кој според USA Today се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, a според CNN, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија.
- Поголемиот дел од филмовите на фестивалот беа од северно-американско подрачје, неколку имаше од Балканот, 10 беа од Европа, а останатите од САД, појаснува Тозија.
За разлика од останатите, фестивалот не ги протежира филмовите кои излегуваат од Холивуд, туку селектира филмови од независната филмска сцена која е огромна и моќна во Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго.
Претставувањето на филмот “M” на овој фестивал всушност беше неговата американска премиера. Како што вели режисерот, Вардан Тозија, филмот наиде на одличен прием. Беше нешто што е ретко видено за тамошната публика, премиерата беше на театарот на Менхетн, некое култно кино кое за жал најверојатно ќе престане да постои затоа што и таму киното доживува некаков пад, додава тој.
- Тоа што беше интересно за амкериканската публика е тоа што се работи за жанровски филм, виден низ некоја источна оптика“, вели Тозија.
Со радост додава дека „ М “ е поразличен и не е еден од нивните комерцијални филмови што робуваат на нивните клишеа драматуршки, туку публиката тоа го сфатила онаков каков што бил презентиран.
- „Тие режисери кои беа во конкуренција со филмот „М“ беа луѓе кои не се познати , но тоа се луѓе кои ги снимаат своите втори, трети филмови, кои се борат за место под Сонцето, за разлика од нас европјаните кои сме малку разгалени. Таму борбата да се добие е далеку посурава. Таму не постои државна закрила зад создавањето на филм, туку тоа се приватни пари, каде низ некој комерцијален потенцилај треба да се внесе нешто што е артистичко. И тоа е голем предизвик за нив. Таа сурова борба води кон квалитет“, истакна Тозија.
Според Indiewire, фестивалот го препознава македонскиот филм како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.