По негативните реакции за ветувањето за зголемување на пензиите за 5.000 денари наеднаш и линеарно, во интервју во емијата 24 анализа на ТВ24, членката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска дообјасни дека оваа мерка нема да биде спроведена веднаш, туку последователно на два, три, па дури и на десет рати по 500 денари.
Димитриеска Кочоска на прашањето за нивната најава дека ќе ги зголемат пензиите линеарно и наеднаш за 5.000 денари, вели дека тоа ќе се случи во текот на една година, а не наеднаш“.
На прашањето како во една година, таа вели дека првото покачување „може да биде на почетокот на превземање на власта 2,5 илјади и на почетокот на следната година, значи во една година, во 12 месеци…“
По реакцијата на новинарот дека тоа е практично игра на зборови и дека со антикризните мерки СДСМ ќе интервенира со 15 илјади за пет месеци, Димитриеска Кочоска вели дека тоа било различно.
-Они даваат мерка што ќе биде со краток ефект и после тоа нема да им ги даваат парите. Ние зборуваме дека имаме линеарно зголемување коешто е трајно. Не зборуваме дека ќе им даваме 12 месеци, јас само кажав дека ќе ги добијат тие 5000 денари во 12 месеци. Може првиот пат 2,5 илијади и за шест месеци 2,5 илјади, ќе видиме како ќе дозволат условите во тој момент -рече Димитриеска Кочоска.
Повеќе фактори говорат дека тоа е невозможно, што го потврди и анализа на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.
Во анализата се нагласува дека за стабилноста на пензиските финансии, вклучително и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи актуелната политика за стабилни приходи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“.