Кога била убиена Вања, однсно дали навистина е убиена по три часа од грабнувањето, беше едно од прашањата на денешната прес конференција во Јавното обвинителство, а на тоа обвинителот Гаврил Бубевски одговори:
-Имаме искази за излегување од контрола на ситуацијата од лицата што го признаа делото. Нивните укажувања се дека имале некаква паника заради тоа што јавноста била целосно ангажирана околу грабнувањето и едниот од нив решил да ги бара парите подоцна и затоа решиле детето да го ликвидираат. Ги немаме сите информации до крај. И за нас е нејасно, нормално дека мотивите се од користољубива природа, но тоа е нивен исказ. Времето на лишување од живот е според нив, но доказите од обдукцијата ги немаме добиено, вели Бубевски.
Во однос на инволвираноста на родителот на детето, тој рече дека двајца од осомничените кои сега се во притвор навеле дека позициите за тоа како и кога Вања ќе излегува од дома, ги разбрале од осомничениот кој е надвор од државата, но тој тоа го разбрал од таткото.
Прашан во каков меѓусебен однос биле осомничените, Бубевски рече дека сега истрагата се насочува во тој правец.
„Сега истрагата се насочува во тој правец, сите овие аспекти кои претходно постоеле ако постоеле. Мајката продала стан и средствата од тој стан биле цел на материјална принуда, но сите овие работи ќе ги провериме во текот на постапката. Девојчето е грабното во влезот внатре во зградата. Оние што се притворени и оној по кој се трага, се група за која ги утврдуваме врските за да видиме дали може да ги наречеме организирана група. Ние ги водиме како соизвршители на двете кривични дела. Ако се докаже дека се група, ќе имаме соодветна правна квалификација. Засега таткото учествувал во одредени насоки кога девојчето ќе излезе само за да се изврши тоа кривично дело на грабнување. Немаме сознанија дека подоцна учествувал во најтешкото дело“, додаде Бубевски.
Бубевски рече дека тројца од осомничените го признале делото. За убиствата, кои ги оквалификува како грозоморни, рече дека се предвидени максимални затворски казни.
– За тројца од петмината инволвирани за кои постои сомневање, имаме признание за целокупниот нивен ангажман во настанот и кој за што бил задолжен во ова кривично дело. Од сето ова можеше да се дефинира дека извршиле две кривични дела – грабнување, кои се поврзани со делото користољубие, грабнување заради корист. Имаат извршено и две кривични дела – убиства, со поврзаност на двете дела, со што тоа добива најтешка кривична казна, рече Бубевски.
На тројцата приведени им е определена мерка од притвор од 48 часа затоа што се уште во тек е обработката на податоците кои се од материјална природа.
За тоа дали и таткото со осомничените бил во бизнис-врска, Бубевски рече дека истражните дејства се насочени во тој правец.
Бубевски на пресот прецизира дека првоосомничениот, кој е во бегство, е организатор и реализатор на убиствата. Во однос на прашањето за алибито на таткото на денот на случувањето на кривичните дела, односно дали тој директно бил инволвиран во киднапирањето и имал физички контакт со другите осомничени обвинителот првично рече „да“, но не изнесе повеќе детали, како што рече, поради интерес на истрагата.
Обвинителот рече дека е важно јавноста да не шпекулира за евентуална проблематична инволвираност за мајката на Вања.
– Мајката нема никаква активност од проблематична природа, рече Бубевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој даде повеќе детали како е грабната Вања, рече дека засега информациите се дека лицето кое е надвор од државата, е директен извршител и најави дека тој ќе биде изведен пред лицето на правдата.
-Во текот на истрагата ќе се прибираат одредени доказни материјали. Ќе биде издадена меѓународната потерница за лицето кое не е во државата и ќе известуваме за се што ќе добиеме, беше истакнато на прес-конференцијата.