Завршен состанок на проектот „Извонредност во математичкото образование преку методите на Е-дебата и различности во инклузивна училница“ денеска се одржа на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.
Татјана Атанасова Пачемска универзитетски професор на УГД-Штип вели дека проектот се реализира со финансиска подршка на Еразмус плус програмата во делот на училишно образование и обука.
Во него учествуваа партнери – училишта од неколку европски земји, каде УГД беше партнер. Координатор на проектот е Институцијата за образовни и едукативни програми Open Europe од Реус, Шпанија.
Идејата на овој проект е да се реши проблемот со тешкотиите за совладување на математичките проблеми од страна на учениците на возраст од 11 до 14 години,кога се прави најголемиот премин од конкретно кон апстрактно мислење, и мора математиката да се поврзе со потребите на реалниот живот.
-Еден од најимпозантните резултати кои произлегуваат од овој проект е акредитација и одобрување за реализација на меѓународната програма за професионален и кариерен развој на наставници проектот „Извонредност во математичкото образование“, која е предвидено да може да ја следат наставниците од секоја од европските земји кои имаат потреба да научат како математиката можат да ја интегрираат во предметите кои ги предаваат, првенствено во стен дисциплините, но воопшто не е на одмет математиката да јa интегрираат и во останатите дисциплини, вели Атанасова Пачемска.
Ана Херанз, координатор на проектот, од Асоцијацијата за развој и реализација на образовни програми „OPEN HOUSE“ од Реус, Шпанија, вели дека проблемот со математиката го имаат учениците во Европа.
-Овој проблем го имаат учениците насекаде – и во Шпанија, Хрватска, Романија, Македонија, и идејата е да ги сондираме состојбите и колку сме во можност да понудиме некои излезни решенија. Развиени се повеќе алатки кои треба да понудат помош и поддршка на наставниците а исто така е развиена и платформа за Е – учење наречена математичка или Е- дебата, која ќе можат да ја користат и учениците, и родителите, и наставниците, вели Херанз.
Атанасова Пачемска од Универзитетот „Гоце Делчев“ истакна дека содржината на програмата е произведена како интелектуален резултат од проектот, но УГД како институција од високообразовен карактер има можност да додели кредитни поени, во случајов 4 ЕКТС поени за сите слушатели кои ќе ја поминат оваа обука и ќе го поминат прагот од 60 проценти за совладување на истата.
-Со тоа веќе добиваме нешто што во нашето законодавство е познато како Мајкрокреденшлс програма која ќе биде во неформалното образование, е акредитирана со кредитни поени кои се трансферираат и ќе можат да се носат во Еуропас ЦВ, секој кој ќе ја помине програмата, вели Атанасова Пачемска.
Забележа дека за поздравување а првата програма која е акредитирана на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и се надева дека по завршувањето на проектот и добивањето на финалниот извештај ќе може да ја промовираат повеќе.
МИА