Убави вести доаѓаат од Истанбул, Турција. Елена Маџова(24) од Свети Николе почнала да се буди од кома.
Радосната вест за ММС ја потврди нејзиниот татко, Ристе Маџов, кој постојано е во контакт со неговата сопруга, која ја се грижи за Елена.
-Сопругата ми се јави и ми кажа дека почнала полека да се буди. Минатата среда Елена е пренесена во Турција и во четвртокот веднаш и е направена операцијата. Лекарите ни рекоа дека за неколку дена таа ќе почне да се буди. И така и се случува, вели Маџов за ММС.
Елена лекувањето го продолжува во Турција, откако хуманите граѓани од нејзиниот град организираа низа акции, а беа отворени и телефонски броеви за донации и жиро сметка.
Ристе вели дека по операцијата словенечките лекари ја отпуштиле од болница. Но, борбата на родителите продолжила и откако добиле ветување од болница во Турција дека ќе ја оперираат и дека се ќе биде во ред Елена.
-Не знам како да кажам, лекарите во Словенија како да се откажаа од неа. И затоа моравме да бараме друго решение. За нас како семејство тоа беше многу скапо и затоа се обративме за помош до сите хумани граѓани. Потребни се околу 70 илјади евра, за операција, рехабилитација и за пресадување на матични клетки. Парите беа собрани за операцијата и рехабилитацијата, а сега се потребни уште околу 7-8 илјади евра за пресадување на матични клетки, вели таткото на Елена.
Елена во мај заминала да работи во Крањ, Словенија, кај што веќе бил нејзиниот дечко и и веднаш нашла работа во „Меркатор“. Но, во јуни место да се радува на животот, таа почна да се бори за него. Ненадејно на улица, додека одела на работа и се слошило и паднала, па веднаш со возило на брза помош ја пренеле во болница во Крањ, каде заклучиле дека има проблем со главата. Потоа веднаш била префрлена во Љубљана, каде заклучиле дека има мозочен удар, оперирана е, но е во кома. Од болницата на нејзиното семејство им рекле дека тоа е максимумот што можеле да го направат.
-Се молиме и се надеваме се да биде како треба и Елена да му се врати на животот. Никогаш нема да ја заборавиме подадената рака од сите хумани луѓе. Голема благодарност и на градоначалникот на Свети Николе и на сите светиниколчани, кои преку донации собираа пари за да може Елена да биде оперирана, вели Ристе.
А градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев на својот Фејсбук профил пред неколку дена објави дека се собрани средствата потребни за лекување на Елена.
-Поради итност на ситуацијата и состојбата Елена е веќе во Истанбул и се започна со испитувања за операцијата која и претстои во наредните денови. Потоа следува рехабилитација, па пресадување на матични клетки. Првиот чекор е направен, но патот кој треба да се помине е долг. Елена е храбра девојка за која веруваме дека ќе го изоди тој пат и ќе се врати помеѓу луѓето кои несебично и помагаат, напиша Владев.