На платото пред трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, денес се одржа настанот „Да ја победиме сообраќајната некултура!“, чија цел е подигнување на јавната свест за важноста на културата во сообраќајот.
– Во месецот кога се одбележува Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди (19. ноември), настанот претставува потсетник за улогата на секој еден активен учесник во сообраќајот за одговорно однесување, согласно сообраќајните правила и прописи, а сé со цел намалување на бројот на жртви на сообраќајната некултура, соопштија иницијаторите.
Се реализираше авто-мото дефиле, како едукативна порака за важноста на сообраќајната култура. Дефилето почна од Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а заврши пред платото пред трговскиот центар „Ист Гејт Мол“. Учесниците во дефилето, преку симболично користење на звучна сигнализација на точки каде што се случиле сообраќајни несреќи со жртви, алармираа за поголемо внимание и сообраќајна култура.
Според статистичките податоци достапни преку службените весници на МВР и анализите на РСБСП, годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди со повредени лица. Со повреди, во просек годишно се здобиваат од 5.500 до 6.000 лица. Согласно податоците од годишните анализи за 2021 и 2022 година на РСБСП, во просек на годишно ниво околу 125 лица во нашата држава го губат животот во сообраќајни незгоди.