Отпочнување на реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад, најавија денес директорот на Царинската управа, Стефан Богоев и генералниот директор на Царинската служба на Република Кореја, Кванјанг Ко на средбата остварена во седиштето на корејската Царина во Сеул.
Директорот на Царинска управа, Стефан Богоев е во дводневна работна посета на Царинската служба на Република Кореја, придружуван од помошниците директори, Маженковски и Ветеровски.
Посетата е како резултат на неодамна потпишаниот Меморандум за соработка со корејската Царина.
На средбата, директорот Богоев истакна дека имплементацијата на проектот ќе придонесе за зголемување на безбедноста на Царинскиот систем во државата како и во унапредување на ефективноста на Царинската управа.
- „Имплементацијата на овој систем ќе помогне во унапредување на ефективноста на Царинската управа, односно да собереме повеќе пари во Буџетот, да бидеме партнер на бизнис заедницата, и да се бориме против организираниот криминал и корупцијата што повторно придонесува за повеќе приходи во Буџетот“, рече Богоев.
Од страна на генералниот директор Кванјанг Ко беа поздравени заложбите што ги презема македонската Царина со цел зголемување на ефективноста на Царината и создавање услови за поголема конкурентност на македонската економија. А токму таквите заложби беа пресудни и за одлуката овој гранд да се додели на Царинската управа на Република Северна Македонија, кој следи после тригодишна анализа на македонската Царина.
Во рамки на остварената средба директорот Богоев ја истакна посветеноста на нашата држава на процесот на интеграција во ЕУ и поставување на основите за функционирање на единствен пазар.
- „Стратешка цел е Република Северна Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија до 2030 година што значи дека македонските граници ќе бидат граници на ЕУ. Ова значи и целосна хармонизација на нашето законодавство со европските регулативи. Воедно во континуитет работиме на целосна дигитална трансформација на Царинската управа и имплементација на нови и унапредување на постоечките ИТ системи во линија со системите на ЕУ“, истакна Богоев.
Според најавите од Царинската управа во текот на утрешниот ден ќе бидат потпишани Меморандуми за соработка коишто ќе отворат нови можности за финансиска поддршка.