Десет имиња од повеќе области се на листата на добитници на признанието „8-ми Ноември“, што градот Штип со децении го доделува во чест на Денот на ослободувањето.
На денешната седница на Советот предложена на усвојување одлука според која признанието се доделува на д-р Светлана Кордумова – Трајанова, за исклучителен придонес и афирмација како истражувач, научник и сопственик на компанија.
Потоа следи листа од тројца професори – проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за развој и инвестиции во ДУ „Гоце Делчев“, за придонес и развој и афирмација на Универзитетот и градот, проф. д-р Андон Мајхошев за постигнувања во сферата на образованието и професор Тоше Митров, музички педагог за придонес во развојот на музичката култура.
Добитник на градското признание е и прим. д-р Ванчо Органџиски за долгогодишен придонес во здравството, Далибор Николовски – Дачо академски вајар, кој е автор на споменикот „Св. Кирил и Методиј“, за афирмација на борењето добитник на признанието е Бобан Данов, селектор на сениорската репрезентација на Македонија во борење – слободен стил.
Добитници на признанието се три организации – Центарот за балетска уметност Арабеска од Штип, за промоција и афирмација на балетската уметност, Јога друштвото Штип – Центар за јога наука за придонес и развој на јога и Здружението на акцијаши – волонтери „Пат на младоста“ – Штип за негувањето на традицијата за акцијаштво и волонтерската работа.
Признанијата ќе бидат доделени на Свечената седница по повод Денот на ослободувањето на Штип, 8 ноември.
В.К.
фото: Архива