Додека онколозите советуваат при ваква дијагноза да се јаде сѐ, само умерено, некои научни студии сугерираат сокотерапија, целосно исфрлање на млечни и месни производи. Какво е вашето мислење во врска со ова? Дали сокотерапијата би предизивикала дополнителен шок за организмот, или напротив – дали би можела да му помогне подобро да се исчисти од токсините?
-Цедените сокови со години се сметаат за задолжителен дел од исхраната на канцер пациентите. Некои дури и тврдат дека се излечиле само со пиење сокови и без терапии. Една група пациенти соковите ги користат како надополнување на исхраната, а други се обидуваат да живеат само на сокови – на интернет и во литературата се наоѓаат примери од двете групи.
Соковите се добар начин да се додаде некоја порција на овошје и зеленчук во склоп на избалансиран начин на исхрана. Додека пациентката поминува низ терапија и има проблеми со џвакање и голтање на храната или се соочува со дигестивни проблеми, соковите исто така би можеле да бидат добра опција за организмот да се снабди со хранливи материи. Можеби подобра варијанта во тој случај би биле добри комбинации на смуди за да се зачува целосниот состав на зеленчукот и овошјето заедно со диететските влакна.
Ако некој успева да консумира доволно овошје и зеленчук во текот на денот, не е задолжително да ја дополнува исхраната со сокови. Во никој случај не би требало пациентките да се остават своите целосни дневни нутритивни потреби да ги обезбедат само од сокови. Со цедењето се добива високо калоричен напиток што скоро и да не содржи протеини, а на канцер пациентите посебно по извршена операција доста им се битни протеините за побрзо заздравување и за подобрување на имунитетот. Соковите исто не содржат ни диететски влакна ни масти.
Покрај сето ова, напитоците од зеленчук и овошје често се и доста слатки, што може да им делува одбивно на некои канцер пациенти кои се соочуваат со промени во вкусот и мирисот на храната додека се подложени на третман. Пиењето сок може и бргу да го наполни желудникот и тоа да биде препрека да се изеде избалансиран оброк.
Ова не значи дека цедењето сокови е нешто лошо. Како што беше спомнато, може да биде додаток на оброците, но никако замена за оброк.
Што се однесува до конзумирањето млеко, се смета дека млекото од крави третирани со rBST има повисоки нивоа на некои хормони хормони (посебно IGF-1) кои се поврзуваат со зголемен ризик од рак. Не се знае дали овој податок е точен, затоа што понови студии не го поддржуваат ова тврдење. Сепак, пиењето млеко не го зголемува нивото на IGF-1 до некое значајно ниво, односно не би требало да претставува загриженост за зголемување на ризикот од канцер, но потребни се повеќе докази. IGF-1 не се губи со пастеризација. Како се апсорбира IGF-1 преку дигестивниот систем, не е јасно. Се смета дека IGF-1 што би се апсорбирал со пиење млеко претставува 0.09% од нормалното создавање IGF-1 кај возрасните лица. Најдобар став е дека млекото и млечните производи не треба целосно да се избегнуваат, само што не треба да се претерува со нивно косумирање.
Имајќи предвид дека дел од хемотерапиите предизвикуваат чувство на мачнина, гадење и повраќање – кои би биле вашите совети за надминување на истите? Каква храна да се консумира во тие денови и дали има некаков тип на чај кој се препорачува за да се намалат ефектите на гадење?
-Хемотерапијата и зрачењето додека ги уништуваат клетките на ракот, привремено ги оштетуваат и нормалните клетки. Додека да заздрават здравите клетки, се оштетувањето може да се влијае на јадењето и приемот на храната.
Голем број жени не можат да јадат ни неколку денови по терапијата или имаат промена во апетитот, гадење и други пропратни последици. Во период кога се губи желбата за јадење, најдобро е да се одбере храна што е најпримамлива, без разлика дали таа храна е доволно нутритивна, односно здрава. Дури ни јадењето некое колаче или пиењето сок не треба да се гледаат како нешто лошо затоа што кога е изгубен апетитот само таква храна ќе може да и ја врати енергијата на пациентката. Ако поминат неколку денови кога не може да се премине кон поздрава исхрана, исхраната може да се подобри кога ќе се повлечат ефектите од терапијата.
Гадењето најчесто може да се контролира со медикаменти, но и со соодветен избор на храна. Малите оброци на неколку часови за некои жени се најдобар избор при чувство на гадење. Понекогаш и нормална порција може да делува одбивно и да ја влоши состојбата. Едноставна храна без јаки миризби се чини полесна за консумирање. Обично полесно се поднесува изладена храна место топла. Во некои случаи сува храна како крекери или двопек на празен желудник може да бидат дополнителен поттик за гадење. Во периоди на гадење може да се избере пилешка супа, јогурт, варен ориз, варени тестенини, овошен сок, леб со лесен намаз, немрсно сирење или урда, сварено овошје (пр.печено или варено јаболко).
И промената во вкусот може да ја направи храната непријатна. Некои пациенти укажуваат дека за време на хемотерапија храната им се чини дека има метален вкус. Во такви случаи најодбивна е протеинската храна, пред сѐ месото. Други пациентки успеваат да толерираат само храна без зачини, а за трета група вкусно е само киселото овошје.
Кога доаѓа до промена на вкусот, најдобро е да се експериментира со вкусовите и со текстурата на храната. На пример, ако е вкусно овошјето, може да се состави овошен јогурт за да делува попримамливо. Вкусно може да делува и овошен сок измешан со газирана вода. Плакнењето на устата со сода бикарбона може да придонесе за помала промена во вкусот. Ако се појават болки во усната шуплина, најдобро е да се избере храна со мека текстура и не премногу зачинета или со јак вкус. Во ваквите случаи најдобро е да се избегнува кисела храна или храна со интензивен вкус, како и топлата храна. Во ваквите случаи можеби најлесно ќе се поднесат банани, лубеница, варени круши/јаболка, сок од морков, соини напитоци, варен зеленчук, блендирана чорба од леќа, крем супи, житарки убаво откиснати во млеко, варени јајца… Ако пациентката не може да поднесе цврста храна, може да пие смуди или шејкови.
Во што би требало да се разликува исхраната кај пациентките со хормонски зависен тип на карцином, и карцином кој не е поврзан со хормоните? Што е тоа што првите би требало да го избегнуваат?
-Во однос на ова прашање, истражувањата се испреплетени и не може да се даде дефинитвен одговор, но општо гледано најиспитуван е хормонски зависниот канцер. Оттука, досегашните наоди укажуваат на следново: Редовно конзумирање зеленчук и овошје се поврзува со намален ризик посебно во случај на естроген/прогестерон позитивен тумор.
Посебна препорака за намалување на ризик од естроген позитивен канцер на дојка се препорачуваат зрнестите овошки (јагоди, малини, капини, вишни, цреши, боровинки), како и праски/нектарини.
Каротеноидите имаат заштитна улога при рак на дојдк, посебно при појава на естроген позитивни тумори. Се смета и дека каротеноидите го спречуваат создавањето на клетки на ракот на дојка.
Најголема заштита се достигнува ако каротеноидите се внесуваат преку храната, а не во суплементирана форма. Исхраната богата со диететски влакна помага во намалување на хормонските нивоа (естроген/естрадиол) кои може да се вклучени во проградирање на канцер на дојка.
Намалувањето на нивото на естроген во крвта, според тоа, го намалува ризикот од канцер поврзан со покачени нивоа на хормони, како што е случајот со рак на дојка.
Внесот на диететски влакна ја зголемува колчинината на естроген што се исфрла преку столицата.
Какво треба да биде менито на пациентките кои имале рак на дојка во минатото? Постојат ли некои правила и насоки за нив во однос на тоа какво да биде нивното мени иако завршиле со терапии, но сепак добиле една ваква сериозна дијагноза?
-За да се достигне добар процент на витамини, минерали и антиоксиданти, пожелно е најголем дел од исхраната да биде растителна. Ова не значи дека месото и животинските продукти треба целосно да се исфрлат, туку да се внимава на количината што се внесува и на начинот на кој се подготвени (ова посебно се однесува на месото).
Ако некој се одлучи да премине на целосно вегетаријанска исхрана, треба да се направи добар план за исхрана за да се задоволат сите нутритивни потреби, пред сѐ потребите за омега-3 масти, калциум, железо, но пред сѐ на протеини кои често се изоставуваат при целосно вегетаријански начин на исхрана.
Вања Мицевска
Фото: Приватна архива / Илустрација – Freepik