По в.д. мандатот, Мери Дика денеска е избрана за нов претседател на Апелациониот суд од Скопје. Членовите на Судскиот совет, кои гласаа за нејзиниот избор, оценија дека станува збор за искусна и долгогодишна судијка, која се докажала во својата работа. Дика јавноста ја знае и како кума на Бојан Јовановски – Боки 13, кој е осуден и последните месеци од затворот Идризово се пресели во Градската болница во Скопје, каде е на лекување.
Судскиот совет денеска избра и претседатели и в.д. претседатели на неколку основни судови во внатрешноста на државата.
Основниот суд од Битола во наредните четири години ќе го води Татјана Петровска, прилепскиот Основен суд Јасмина Шишковска – Стојковиќ.
Во неколку судови актуелните претседатели, на кои вчера им завршија мандатите, именувани се како в.д. претседатели. Ѓорѓи Андонов ќе остане на чело на Основниот суд – Штип до завршување на постапката изборот на нов претседател во наредниот месец два.
Миле Ѓорѓиев е именуван за в.д. и останува додека не се избере нов претседател. На јавниот оглас за претседател на делчевскиот суд не се пријавил ниту еден кандидат. Лидија Димов останува в.д. претседател на велешкиот суд до нејзиното пензионирање следниот месец, кога дополнително ќе биде именуван нов в.д.
Идентично е и со претседателот на судот во Крива Паланка, каде актуелната претседателка наскоро Љубица Цветковска заминува во пензија. За Крива Паланка има пријавено кандидат за претседател, за кого се очекува да биде завршена постапката за избор.
Претходно на седница на Судскиот совет за претседател на кумановскиот Основен суд е избрана Снежана Манев.
В.К.