На 54-годишна возраст почина Метју Пери, актерот кој беше најпознат како Чендлер Бинг од серијата „Пријатели“.
Полицијата во Лос Анџелес ја истражува смртта на Пери, изјави за Си-Ен-Ен извор од органите за спроведување на законот. Во моментов нема сомневања за прекршоци, рече изворот, меѓутоа, инцидентот останува под истрага од страна на Одделот за грабежи-убиства на полицијата во Лос Анџелес.
Властите одговориле на повик околу 16 часот од неговиот дом, каде што бил пронајден во џакузи без знаци на живот. На местото на настанот не е пронајдена дрога. Според други извори, безживотното тело на пери го пронашол неговиот асистент.
– Скршени од тага сме поради смртта на нашиот драг пријател Метју Пери. Метју беше неверојатно надарен актер и неизбришлив дел од семејството на телевизиската група на Ворнер Брос, се вели во соопштението на компанијата.
– Влијанието на неговиот комичен гениј се почувствува низ целиот свет, а неговото наследство ќе живее во срцата на многумина. Ова е ден што го крши срцето и ние ја испраќаме нашата љубов до неговото семејство, неговите најблиски и сите негови посветени обожаватели, додава Ворнер Брос.
Роден во Вилијамстаун, Масачусетс, од татко актер и мајка новинарка, Пери отиде да живее со мајка му во Отава, Канада, откако неговите родители се разделија.
Една од првите страсти на Пери бил тенисот и стана најдобро рангиран тенисер во Канада. Како и неговиот татко, и помладиот Пери развил интерес за глума откако како тинејџер се преселил во Лос Анџелес за да живее со него.
Првата забележлива улога на Пери беше мала улога во драмата „240-Роберт“ во 1979 година. После тоа, други битни улоги имаше во серии, вклучувајќи ги „Чарлс одговорен“ (Charles in Charge), „Сребрени лажици“ и „Шоуто на Трејси Улман“.
Неговата прва филмска улога беше додека беше во средно училиште, играјќи заедно со Ривер Феникс во филмот од 1988 година „Ноќ во животот на Џими Рирдон“. Годината пред објавувањето на филмот, Пери глумеше во ситкомот „Втори шанси“ (подоцна преименуван во „Момците ќе бидат момчиња“), за човек кој умира и се враќа на земјата за да го менторира своето помладо јас, кое го игра Пери.
Серијата не успеа да ја најде својата публика, но Пери продолжи да добива повеќе улоги од висок профил во ТВ проекти, вклучувајќи ги „Growing Pains“, „Who’s The Boss“ и „Beverly Hills, 90210“.
Но, улогата на љубезниот и саркастичен Чендлер во ситкомот „Пријатели“ во 1994 година го направи познат.
Во ноември 2022 година, тој објави мемоари со наслов „Пријатели, љубовници и големата страшна работа: Мемоар“.
Во него, Пери откри дека неговата злоупотреба на опиоиди довела до руптура на дебелото црево кога имал 49 години. Лекарите му дадоа два проценти шанса да преживее, напиша тој, и тој беше во кома две недели, а потоа уште неколку месеци во болница.
На актерот му биле направени 14 операции за да се поправат сите абдоминални оштетувања, а тој призна дека одел на рехабилитација 15 пати во текот на годините со надеж дека ќе ја ослободи од зависноста од дрога.
Пери беше во врска со книжевната менаџерка Моли Хурвиц во 2018 година, а парот се сврши во 2020 година. Тие ја прекинаа свршувачката во 2021 година, а Пери тогаш изјави: „Понекогаш работите едноставно не функционираат и ова е една од нив. На Моли и посакувам се најдобро“.