На повеќе места во градот да се постават 24-часовни пунктови од полиција со цел граѓаните на Штип да се заштитат од кражби е предлогот на градоначалникот Иван Јорданов, кој денеска ја сподели грижата на граѓаните од безмилосните кражби. Јорданов вели дека секој може да види како граѓаните се оградуваат и обезбедуваат од крадците, кои и покрај тоа безмилосно ги пустошат домовите. За ова разговарал и со Секторот за внатрешни работи во Штип, од каде како што рече, нема заинтересираност.
-Често комуницирам со надлежните на оваа тема, но не гледам заинтересираност. Началникот на СВР- Штип не покренува иницијатива да го реши проблемот. Многу често сме комуницирале не само за кражбите, туку и за бесправната сеча. Декларативно ќе искомуницираме и таму останува. Најверојатно ги интересираат некои други теми кои не се поврзани со нивната примарна дејност и работа и затоа можеби немаат време да одвојат и да излезат од нивната комфорна зона, од фотељите, да прошетаат по улиците и да ги видат проблемите на своите сограѓани, рече градоначалникот Јорданов.
Околу 200 домаќинства на штипската улица „Солунска“ живеат како во кафез, во секој двор имаат куче чувар, а дворовите им се оградени со железни огради и мрежа. Тие се постојано мета на крадци и тоа и дење и ноќе. Денеска реагираа и бараа решение од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Драги Павловски жител на улицата „Солунска“ вели дека и покрај тоа што имаат преземено низа на мерки за заштита на нивните домови, сепак крадците влегуваат во нивните домови и крадат од дрва за огрев, потоа ракија, злато, покуќнина, а пред неколку дена однеле и влезна врата.
-Во сред пладне, околу 17 часот. Дошле ја извадиле вратата и ја однеле, вели Павловски.
Трајче Наумов, пак вели дека крадците му ја однеле штотуку сварената ракија.
– Само што си ја сварив ракијата, околу 60 литри ракија целата ми ја зедоа, па и акумулаторот. На камерата се гледа кој е. Пријавивме во полиција, ми рекоа ништо не можат да направат, вели Наумов.
Делови од Штип често се посетени од ајдуци, кои бараат пари, злато и вредни предмети. Граѓаните се бранат со физички пречки, видео надзор, но и расни кучиња.