На Самитот на Берлинскиот процес што почнува денеска во Тирана, Албанија, се очекува да биде усвоен нов финансиски план за земјите од Западен Балкан. Ова е првпат да се организира во земја која не е членка на Европската унија,
Теми на работните сесии ќе бидат интеграцијата на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ и зелената и дигиталната транзиција, а на агендата на работниот ручек ќе бидат добрососедските односи и билатералните прашања.
Се очекува ситуацијата на северот на Косово да биде меѓу главните теми на разговор меѓу лидерите на ЕУ и Западен Балкан. Но, нема да се случи средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, замина во Кина. Српската делегација ќе ја предводи премиерката Ана Брнабиќ.
Вучиќ изјави дека посетата на Кина е многу важна во тешки времиња и најави важни состаноци и потпишување важни договори со Кина, како и билатерални средби со кинескиот колега Кси Џинпинг.
„Ќе потпишеме документи за севкупна соработка, слободната трговија, која е од особена важност за нашата земја и клириншки јуани за нашите банки. Тоа се фундаментални договори, а ќе има и важни сообраќајни и инфраструктурни договори“, најави Вучиќ.
Во Тирана е најавено дека во рамките на Самитот ќе биде потпишан Договор за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите од страна на лидерите на земјите од Западен Балкан, како продолжување на Договорот потпишан на минатогодишниот Самит на Берлински процес со кој се признаваат професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите.
Учесници ќе бидат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која вчера пристигна во Тирана, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, германскиот канцелар Олаф Шолц, чија земја го иницираше Берлинскиот процес.
Францускиот претседател Емануел Макрон го откажа учеството на Самитот, но попладне ќе допатува во првата официјална посета на Тирана.
Македонската делегација на Самитот во Тирана ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во состав на владината делегацијата ќе биде и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
За време на Самитот, предвидено е премиерот Ковачевски да оствари средби со канцеларот Шолц, со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, како и со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо и со потпретседателката на Светска Банка за Европа и Азија, Антонела Басани.
Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција, Полска и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан.
фото: Самит на ЕУ, 2022