Македонските државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Авионскиот превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, беше организиран согласно одлуката донесена од страна на Владата, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.
Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.
Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.
– Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Владата.
-Живеемеме во Израел седум месеци, и беше убаво, но таму се пукаше и беше многу лошо, критично. Пред некој ден беа фрлени 10 гранати. Останаа таму уште од Македонија, ама ние си дојдовме, рече Марица Јаневска од Куманово.