Возачи во јавниот превоз возеле без лекарско уверение, а дури 20 возачи управувале возило без возачка дозвола. Ова е состојбата во сообраќајот во Штип за четири часа контрола.
Контролата е спроведена во текот на вчерашниот ден во периодот од 17.00 до 21.00 часот, од страна на Секторот за сообраќајни работи при Одделот за Униформирана полиција, Биро за јавна безбедност и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата на територијата на Штип за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
-При контролата санкционирани се 73 возачи, од кои 20 за возење без возачка дозвола, четири за возење со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола. Изречени се четири мерки за возење без лекарско уверение при вршење на јавен превоз, две санкции за непрописно вградени фолии (затемнети стакла), пет санкции за возење под дејство на алкохол, соопшти МВР.
На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. МВР најавува дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи.