Секоја година десеттиот ден од октомври се одбележува како Светски ден на менталното здравје. Низ целиот свет се мобилизираат напорите за поддршка на менталното здравје со цел да се зголеми свеста за проблемите поврзани со него. Се смета дека овој аспект на здравје е една од најзапоставените области на јавното здравје, а околу една милијарда луѓе ширум светот живеат со ментални нарушувања, кои ковид пандемијата дополнително ги усложни.
По повод годинашниов Ден на менталното здравје зборуваме со тројца психолози за да дознаеме како тие самите се грижат за своето ментално здравје.
Дали и психолозите одат на психолог, колку професијата за која се одлучиле им помага за справување со стресот – се само дел од прашањата на кои за ММС одговорија Александра Стефановска, Атанас Иваноски и Марија Јанакиевска.
-Се грижам за себе така што си ја почитувам својата интровертна природа и нејзините потреби, па така ме радува квалитетно поминато време со најблиските, но и квалитетно време сама со себе. Тоа ми дава енергија и ме регенерира. Кога сум со блиските обично сакам да им зготвам нешто убаво, бидејќи обожувам готвење и експериментирање со храна. Сакам и ме исполнува кога патувам со блиските, уживам во пешање и планинарење. Го открив и кампувањето како нова активност што почнав да ја применувам, всушност се што е поврзано со поминување време во природа. Кога сум сама сакам слушање гласна музика, читање добра книга или учење/истражување нешто ново – вели психологот, Александра Стефановска.
Таа посочува дека за да ја препознае оваа своја потреба, постојано си го слуша своето тело и си дава дозвола за одмор.
„Прифаќам кога некогаш сум згрешила, но не се оптоварувам и измачувам со тоа, знам да си дадам дозвола, да си бидам јас без да треба да правам нешто за да се чувствувам вредно, да си простам и да бидам сочувствителна кон себе, да се негувам кога сум тажна, да си се грижам кога сум вознемирена, да се успокојам кога сум загрижена, да си се охрабрам пред некој голем предизвик, да си прославам успех, да си шепнам сама на себе некој комплимент и да си дадам признание“, додава нашата соговорничка.
Психологот Атанас Иваноски пак, вели дека благодарение на своето досегашно образование, едукацијата за личен раст и развој, психотераписката едукација и работењето во доменот на професијата, осознал дека комплексна е природата на менталното здравје и истото има поврзаност со начинот на размислување за животните случувања, емоционалните доживувања и поведенијата.
-Во досегашното живеење научив дека од голема важност е да се грижам за сопственото ментално здравје и да го подобрувам квалитетот на истото со цел оптимално психолошко функционирање и развивање на сопствените потенцијали, како што впрочем и е дефинирано низ призмата на хуманизмот – вели Иваноски.
Грижата за сопственото ментално здравје според него, значи да се прифатат, но и да се изразат сопствените емоции, да се осознаат уверувањата кои ги создаваат непријатните нездрави емоции и да се заменат со логични и прагматични уверувања.
-Грижата за себе поставувањето конкретни и остварливи цели, безусловното прифаќање на себеси, другите и светот, остварување социјални контакти со значајните блиски, разговор со психолог за усвојување нови перспективи во однос на надминување на некои потешкотии, практикување спорт и читање класична литература се најчестите начини кои ги практикувам во грижата и унапредувањето на сопственото ментално здравје – додава Иваноски.
Стручните познавања и’ помагаат и на Марија Јанакиевска која исто така е психолог, но и гешталт психотерапевт и која вели дека за своето ментално здравје се грижи така што првенствено секојдневно ги практикува врз себе психотераписките техники кои досега ги изучувала.
„Меѓу нив се водење дневник на соништа, потоа со читање на литература (и стручна и белетристика) што ми го проширува видикот кон разноликоста на животот, а исто така и со здрава исхрана и физички активности како фитнес, за комплетирање на психофизичкото добробитие“, ни долови Јанакиевска.
„Имам и свој психотерапевт, супервизор, кој е неопходен на секој терапевт или едукант во психотерапија. Во тек на работа со клиенти потребно е да се апстрахираат моменталните субјективни тегоби и да се сконцентрираме на внатрешниот свет на клиентот, при што потребно е да бидеме свесни и за сопствените доживувања“, додава таа.
Во однос на тоа дали и луѓето од фелата самите одат на психолог, Стефановска вели дека таа лично во рамките на својата работа има супервизиски средби со својот терапевт.
„Тоа ми помага во справување со стресот, одржување баланс како и превенирање од евентуален burnout“, посочува таа.
И Ивановски се согласува дека психолозите често одат кај психолог советник или пак, на психотерапија кога се соочуваат со одреден проблем.
-И покрај тоа што имаат познавање од човековата природа и усвоени начини за справување со одредени потешкотии, посетата на психолог им овозможува да добијат нова перспектива во надминување на проблемите. Од голема важност е психологот континуирано да работи на себе со цел нерешените конфликти и проблеми да не се манифестираат во советодавната и психотераписка работа со клиенти – смета тој.
Несомнено психолозите секојдневно со својата работа им помагаат на луѓето кои се соочуваат со стрес, анксиозност, панични напади, депресија и други проблеми со менталното здравје, па ги прашавме и што по напорниот работен ден.
Стефановска открива дека ужива во долгите прошетки со своето куче, ужива да медитира, да слуша музика, а често знае и да отиде на некоја театарска претстава или друг настан од областа на уметноста.
„Уметноста во секој облик нуди откривање и развој на себе, како и зголемена самосвест“, смета таа.
На сличен начин во слободното време се релаксира и Иваноски кој сподели дека сака да пешачи, да вози велосипед, чита книги или пак, да гледа филм. Исто како и Јанакиевска и тој води дневник каде што ги запишува емоционалните доживувања и размислувања кои ги имал во однос на работните задачи кои сум ги реализирал во текот на денот.
Зголемувањето на свеста за менталното здравје и застапувањето против социјалната стигма и годинава се во фокус на денешниот ден, кој се одбележува како Интернационален ден на менталното здравје од 1992-та година.
Како таков се одбележува на иницијатива на Светската федерација за ментално здравје, а со поддршка од Светската здравствена организација.
Откако минатата година се одбележуваше под мотото Зголемена инвестиција во менталното здравје, 10-ти Октомври овој пат се одбележува под мотото Менталното здравје во нееднаков свет, за да се потенцира дека луѓето ширум светот немаат еднаков пристап до квалитетни и достоинствени услуги за ментално здравје или структури за психосоцијална поддршка.
Вања Мицевска