Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, вечерва во Скопје ја промовираше новата партија „Знам – За наша Македонија“, односно беше потпишана иницијативата за формирање на партијата од претставниците на 10 граѓански здруженија, со што ја дадоа поддршката движењето да стане политички субјект.
По македонската химна најпрво се обрати професорката Катерина Тодоровска, претседателот на Здружението клуб на генерали Павле Арсоски, а он лајн се обрати Венко Андоновски. .
По потпишувањето на иницијативата се обрати Димитриевски,кој рече дека Македонија ќе се залага за департизација на судството, на полицијата, обвинителството и на сите институции.
-Од ден на ден ме прашуваат Максим кој е со тебе, имаш ли познати, кој те поддржува. Народот ме поддржува тука во оваа сала и многу пати повеќе надвор од неа. Колку сме толку сме, какви сме такви сме, горди сме! Нашата основна цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што во континуитет го газат. И нема да делиме никој ниту по вера, ниту по етнос, ниту по припадност, туку ќе бидеме обединети сите за Македонија, рече тој и додаде:
-Патот нема да биде лесен. Еден професор ми рече „ќе мораш да ги облечете опинците на Гоце и да ги посетите сите во цела Македонија, да ги одважиш граѓаните, тие се фрустрирани разочарани, мора да се врати надежта да почне да верува дека има светла иднина“. Нема Македонија да биде конгломерат на малку властодршци. Така не може да се прави држава. Ми велат сите ветувате ама никој ништо не прави. Не, ние тоа ќе го направиме. Македонија да биде своја на своето. Мора да биде самоодржлива држава, рече тој и заврши со:
„Место сладоледот што ќе им го купувате на вашите внуци да биде луксуз ќе биде обврска“.
В.Миленковска
Фото: Вангел Тануровски